Култура
(Видео) Ноам Чомски: Ова е клучен момент во историјата на човекот

Ноам Чомски, познат лингвист, филозоф и еден од најголемите мислители на денешницата, рече дека коронавирусот е многу сериозен, но дека треба да имаме предвид дека ни се приближуваат уште две големи закани.
„Едната е нуклеарна војна, а другата е глобалното затоплување. Коронавирусот е ужасен и може да има сериозни последици, но ќе има закрепнување. Но по овие две закани, нема закрепнување“, рече Чомски во интервју за Среќко Хорват од „Дием“.
Чомски смета дека изворот на кризата лежи во колапсот на пазарот и неолибералните политики кои ги засилиле длабоките социоекономски проблеми, пренесува „Спутник“.
„Веќе подолго време е познато дека може да се случи пандемија како оваа, а се знаеше дека тоа ќе биде пандемија на коронавирус, модификација на она што го видовме со САРС. Требаше да се работи на вакцини, да се развие заштита од потенцијална пандемија и со мали измени ќе ја имавме вакцината денес. Но, има многу поголем профит во изработката на нов крем за тело отколку да се најде вакцина. Неолибералната чума блокираше сè“, вели Чомски.
Тој потсетува дека сите знаци на предупредување биле присутни, но не се обрнало внимание на информациите.
„На 31 декември Кина ја извести Светската здравствена организација. Кинеските научници наскоро го изолирале вирусот. Земјите од тој дел на планетата започнаа да прават нешто. Во Европа, тоа се случи барем донекаде. Германија има сигурен болнички систем и можеше да направи нешто за себе. Некои други земји ги игнорираа предупредувањата, особено Велика Британија и САД“.
Чомски верува дека има простор за оптимизам.
„Постои можност дека луѓето ќе се организираат, дека ќе работат во подобар свет, но тој свет ќе се соочи и со големи проблеми. Ова е клучен момент во историјата на човекот, затоа што е време да се сознаат длабоките недостатоци на светот, дисфункционалните карактеристики на целиот систем, кои мора да се променат. Ова е знак на предупредување и лекција што мора да ја научиме.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филмови во Кинотека

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.