Култура
(Видео) Театарски мултимедијален перформанс „Оксиген“

Членовите на „Театар Пи“ Златко Митрески и Македонка Илиевска изминатиов период работеа со лица со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“. Резултатот е мултимедијалниот проект „Оксиген“, кој на 8 декември во 20 часот ќе биде прикажан во НГМ „Мала станица“ во Скопје. Влезот е слободен.
Низ серија специфични актерски техники и процес на импровизација, во работата ќе се истражуваат можностите за создавање театар со слики и приказни од секојдневниот живот на лицата со интелектуална попреченост. Низ ситуации и театарски игри со лицата со интелектуална попреченост се создаде материјал, кој ќе биде дел на драматургијата во театарскиот перформанс ,,Оксиген“, кој е четврт заеднички проект на „Театар Пи“ со лица со попреченост од центарот „Порака“. Акцентот ќе биде ставен на нивната способност да бидат изведувачи и ангажирано низ говорот на телото на сцена да споделат со публиката еден интимен театарски чин.
Режијата и видеомапингот се на Златко Митрески и Македонка Илиевска. Камерман е Гаврило Миловановиќ. На фагот свири Јован Витанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Откажан вечерашниот концерт на Скопско лето, програмата продолжува утре

Вечерашниот концерт „Четири раце“ на Димчо Величков (Бугарија) и Мариана Ковал (Украина), кој требаше да се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во 20:30ч, се откажува, поради лоши временски услови кои попречија во патувањето на овие меѓународно познати и признати уметници.
Програмата на 46. „Скопско лето“ продолжува утре вечер – 10.07.2025г. (четврток) со концерт на Алтус НЗ Ансамблот со почеток во 19:19 часот во Салон 19’19.
Билетите се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и пред почетокот на настанот, на влез на Салон 19’19.
На 11.07.2025г. (петок), со почеток во 11:00 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи промоција на книгата „Предизвикот Ништо“ од Давор Тоциновски. Претставува текстуално документирани ликовни перформанси.
Исто така во петок, со почеток во 20:00 часот на Амфитеатарот позади Спомен куќата Мајка Тереза ќе се одигра детска театарска претстава „Штурците и мравките“ во продукција на Театар Провокација.
Претставата е мјузикл за најмалата публика, која е работена по мотиви од басната „Штурецот и мравката“.
Билетите по цена од 300 денари се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и пред почетокот на настанот на влезот на Амфитеатарот позади Спомен куќата Мајка Тереза.
На 12.07.2025г. (сабота) ќе биде отворена изложба на Ирена Расовиќ (Црна Гора), под наслов „Соништата“, во 20:00 часот во Националната галерија на Македонија – Мала станица.
Делата на Ирена Расовиќ припаѓаат на правецот на фантастичен реализам и надреализам, носејќи визии на светот исполнети со симболика, но и топлина и сигурност. Водата, сонцето и каменот се доминантни мотиви, прикажани како носители на живот и хармонија. Водата во нејзините дела не потопува, туку дава живот и ги смирува и прочистува.
Инспирацијата ја црпи од природата и пејсажите на Црна Гора, која ја гледа како вистински предизвик за уметничко изразување. Изложбата „Соништата“ беше прикажана минатата година во Црна Гора.
Култура
(Фото) Од минатото за сегашноста – „Нушиќ лично“ на „Бит-фест“

На Малото плато пред Офицерски дом во Битола, синоќа на Бит фест гостуваше театарската претстава „Нушиќ лично“ на Народен театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар и Фондацијата „Нушиќ“ од Белград.
Текстот и режијата на претставата се на Миодраг Илиќ, кој во освртот кон своето дело нагласува:
„Каде е денес Нушиќ?“ – е прашање што често го слушаме кога се соочуваме со апсурдите на времето во кое живееме. Понекогаш некој современ писател со духовити забелешки и хумористичен стил го нарекуваме „новиот Нушиќ“, но таквото споредување не опстанува во јавниот дискурс, бидејќи никој досега не успеал да го заземе местото на таков мајстор на комичната сцена каков што беше Бранислав Нушиќ“, вели Миодраг Мија Илиќ.
Писателот посебно ја истакнува благодарноста до актерот Милош Танасковиќ, кој храбро се зафати со градењето на ликот на веќе остарениот комедиограф, како и до актерите што ги позајмија своите гласови за имагинарните дијалози во претставата. Целиот изведувачки тим на театарот од Заечар – дизајнерите на звук, светло, костимите и авторот на визуелното сценско решение – заслужуваат признание за инспирацијата и професионалниот придонес во севкупниот ефект.
Монодрамата која синоќа со внимание беше проследена од битолската публика на БИТ ФЕСТ е во официјалната конкуренција на Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“.
Вечерва како дел од програмата на Битолското културно лето, на Малото плато пред Офицерски дом ќе се одигра театарската претстава „Сега му е мајката“, во продукција на Алтернативен театар „Пробатон“ од Свети Николе. Претставата е по текст на Горан Стефановски, во режија на Владо Денчов. Музиката е на Дарко Станојков, а за светло и тон е задолжен Иван Гичев. Улогите ги толкуваат Стефан Ѓорчев и Антониј Ѓорѓиев.
Култура
Изложба на фотографија на Виктор Трајковски

На 10 јули, четврток, со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на уметничка фотографија со наслов „Street life“ од Виктор Трајковски.
Виктор Трајковски (роден во 1977 година во Минстер, Германија) е фотограф кој живее во Куманово, Македонија. Повеќе од десет години е посветен на улична фотографија, истражувајќи го човечкото присуство, движењето и светлината во јавните простори.
Учествувал на групни изложби организирани од фото-кино клубот „Козјак“ во Куманово и освоил бројни награди на меѓународни и национални фотографски изложби.
Неговата главна инспирација е Алекс Веб, особено за неговата употреба на боја, композиција и слоевитост во уличната фотографија. Виктор продолжува да создава со длабока страст за секојдневниот живот и уметноста скриена во него. Активен член на Фото клуб Куманово.
Изложбата ќе биде поставена до 24.07.2025 година.