Култура
(Видео) Љутков до Костадиновска: За реализација на фестивалот во Приштина одвоивте 30.000 евра, тоа е многу повеќе од парите за нашите „Ристо Шишков“ и „Скомрахи“
„Реакциите на јавноста со објавувањето на Годишната програма за култура не стивнуваат! Бидејќи не е јавно соопштено, новост е дека вчера, имињата на комисиите се објавени со линк, кој e додаден на веб страната на министерството заедно со резултатите од Годишната програма. Веројатно, за да нема поголема видливост“, вели Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерке, не дадовте ниту еден аргументиран демант и должите на македонската јавност уште многу неодговорени прашања: дали од овие членови членот на комисијата за музејска дејност е наставник по англиски јазик исто како вас и нема никаква допирна точка со музејската дејност? Дали членот на комисијата за визуелни уметности е се уште студент? Ако во времето на ВМРО-ДПМНЕ како што рековте Вие имало и академици, и во најмала рака универзитетски професори, комисијата за заштита на културно наследство сега е составена од членови кои немаат ниту научно звање, а за потсетување на јавноста, минатата година за член на истата комисија беше наставник по биологија! Дали претседателката на комисијата за интердисциплинарни, освен што е истакнат активист на СДСМ е и член на извршната канцеларија на Здружението на граѓани Младински културен центар Битола, за кое во оваа дејност самата си доделила 11.000 евра за проектот „Битола отворен град 2024“, и дали членови на комисијата за фолклор си доделувале средства во здруженијата на граѓани во кои тие самите партипицираат? И колкумина од вашите членови на комисии кои го чинат македонскиот народ со околу 80.000 евра, се активисти на СДСМ и ДУИ, односно повеќе се партиски препознатливи отколку по нивниот професионален бекраунд?!
Вие која никогаш не сте биле дел од културата, да Ви повторам уште еднаш она што културната јавност многу добро го знае, дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ, пресовите на министерот при објавувањето на Годишната програма се одржуваа во присуство на сите членови на комисиите, затоа што, со квалитетни и истакнати професионалци и со буџети со износи од 9.000.000 – 12.000.000 денари, само во националните театри, не сме имале од што да се срамиме! А, хонорарите на членовите на комисиите беа за 70% пониски, иако тогаш во најмала рака како што веќе кажав, претседателите на комисиите беа со научни звања, универзитетски професори, дури и академици.
Бидејќи во овие два изминати денови, најжолчно се обидувавте да го одбраните фестивалот „Моисиу“ во Приштина, небаре лажеме, јавноста може да се увери од Годишната програма за меѓународна дејност за Националните установи, каде многу јасно е објавен насловот, цитирам: „Реализацијата на фестивалот „Моисиу“ во Приштина, Косово“. Ако тврдите дека не се работи за организација туку за учество, произлегува и дополнителна дилема, зошто сите останати национални театри кои се финансирани за учество во многу подалечни земји, се поддржани со десет пати помали средства? И доколку станува збор само учество, како тоа за само 100 километри пат, министерството издвоило 30.000 евра?! И конечно, ова наводно учество на фестивал во Косово, зошто чини многу повеќе, отколку организацијата на нашите етаблирани традиционални меѓународни фестивали „Ристо Шишков“ и „Скомрахи“ заедно.
Почитувани уметници и граѓани на Република Македонија кои сте дел од културното битисување, денес во мое име, а и во ваше име ќе и поставам на министерката и на Владата која таа ја застапува, уште неколку дополнителни прашања врзани за капиталните инвестиции во културата, кои сите нас не засегаат и тоа:
Зошто на одобрени 220 милиони денари за доизградба на Театарот во Струмица во 2017 година, Вашата Влада ги пренамени средствата и денес 7 години потоа истиот не е довршен?
Зошто ја стопиравте градбата на Драмскиот театар во Скопје иако беа обезбедени средства во буџетот за 2017 година, а истите ги пренаменивте?
Ви оставивме изградена карабина на Турскиот театар, седум години по ред, требаше само да ја завршите во првата фаза, а остатокот на објектот да се доизгради со средства од турската Влада.
Ни тоа не го направивте. Зошто од 2020 година, од кога помпезно имаше најава дека со Одлука на Влада се одобриле средства за изградба на нов објект на „Танец“, до денес никој не видел ниту проектна програма?
Зошто од 2017, секоја година изјавувате дека сега работите на Проектна програма за Театарот во Прилеп, во 2019 година дека сега се средуваат градежните дозволи во Општината, па во јуни минатата 2023 година, се обидовте да се ја префрлите топката на градоначалникот дека политички ве опструира, а кога за само еден месец сите услови ви беа обезбедени, повторно се вративте на старата песна и пак на проектната програма“, изјави Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2022 година, по цели 5 години отпочнавте со реконструкција на кровот на НУБ „Св. Климент Охридски“ и најавивте дека ќе продолжите следната година со блоковите 3 и 5 од објектот, се’ до неговото завршување за повторно да го вратите сјајот на овој значаен архитектонски објект. Од тоа нема ништо!
А, што да кажеме за Театарот во Куманово? Исто така, долго најавената реконструкција, за која одвоивте 15 пати помалку средства, отпочнавте со уривање на ентериерот и денес театарот е неупотреблив за реализација на културни содржини. Нови средства во 2024 за него, секако нема!
И секако, еден од најголемите најавени инвестициски најавени зафати кој е предмет на манипулација е реконструкцијата на Универзална сала, па ќе ви ги поставам истите прашања кои ви ги постави пратеничката Ане Лашкоска. Кога распишавте тендер за реконструкција на Универзална сала? На сајтот за јавни набавки, ваква набавка нема! Која фирма ја избравте за изведувач и како? Кој е и како го избравте надзорот? И колку средства се обезбедени за 2024 година?
Искрено не очекувам одговори, бидејќи одамна е јасно дека оваа неспособна Влада, освен што со години ја манипулира јавноста, нема ниту една инвестиција во Република Македонија и затоа ќе остане уште долго време запаметена како Влада која една шајка нема заковано!
Жалам што државата ја доведовте на апарати, економски, институционално, регионално. Вие и Вашата Влада успеавте и она што со столетија ни е дадено, цивилизациското и културното наследство да го урнисате!
Министерке, да сум на Ваше место најмалку што можам да направам е да ја повлечам оваа срамна и убедливо најлоша Годишна програма!
Но, надежта последна умира. После 8-ми мај, овакви скандалозни програми ќе бидат минато!“, додаде Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Иван Шопов со „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература за 2026 година
Иван Шопов со збирката раскази „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература.
„Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач“, стои во образложението на комисијата.
Наградата ја доделува Европската унија (EU Prize for Literature – EUPL), а годинашен македонски организатор е ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која ќе учествува во сите активности поврзани со номинацијата.
Европската награда за литература се доделува за прозна книга на автор во подем. Следејќи ги прецизните критериуми на ЕУ, жири комисијата во состав: Лидија Капушевска Дракулевска (универзитетски професор), Владимир Јанковски (писател и македонски кандидат за наградата во 2022), Александра Јуруковска (книжевен критичар) – како членови и Снежана Стојчевска – директор на ГБСК и претседател на комисијата, едногласно ја избра збирката раскази Зентрифуга од Иван Шопов, на издавачката куќа „Бегемот“, за македонски преставник за Европската награда за литература за 2026 година.
Според жирито „Зентрифуг“а се издвојува од останатите дела по книжевниот квалитет и зрелост во изразот, преку својата автентичност, оргиналност и изграден стил. Книгата има компактна, хомогена композиција од 75 микрофикции (мини раскази, куси прози) распределени во три циклуси од по 25 прозни записи. Таа плени со луцидност и хумор, со приказни за маргинализирани, навидум необични ликови, чудаци, патници, лудаци, луѓе кои и физички му припаѓаат на предградието. Овие места се извесен хронотоп, последени бедеми на антибаналноста и антимеланхолијата, каде што и кога не се случува ништо, се случуваат многу нешта. Во кратките, густи приказни за овие локални добродушници од периферијата, се исцртува и една мапа на градот надвор од неговото јадро, пејзаж на местата кои понекогаш се далеку од радарот, а кои се неверојатно инспиративни за лудистички пресврти.
Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач. „Зентрифуга“ е збирка што го држи вниманието на читателот со исто темпо од првиот до последниот текст, што ја прави допадлива и привлечна и за читање и за превод, и за нејзина комуникација и надвор од македонското говорно подрачје – стои во образложението на комисијата.
Иван Шопов (Скопје, 1987) е македонски писател, преведувач и уредник. Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги со кратки раскази, песни во проза и сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Дел од расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки, грчки и на бугарски јазик. Преведува од англиски, српски, бугарски и хрватски јазик. На македонски превел книги од Емброуз Бирс, Марта Нусбаум, Мирослав Крлежа, Михаил Вешим, Асја Бакиќ, Звонко Карановиќ, Мадлен Тиен… Основач е на мобилниот културен центар КЦ 750, заедно со Владимир Лукаш.
Во изборот за македонски кандидат за наградата учествуваа 15 наслови од 15 автори од 8 издавачки куќи. Од нив покрај Зентрифуга на Шопов, во потесниот избор од три наслова влегоа и Каде леташ, Јулија? од Хана Корнети (ИК Или Или) и И моќта ќе помине од Ирена Јурчева (ИК Три), а во поширок избор и книгите Потклек од Љупчо Петрески (ИК Бегемот) и Наназад од Стефан Алијевиќ (ИК Илика).
Според критериумите на ЕУ номинираниот автор треба да има објавено од 2 до 4 прозни книги и да нема повеќе од 4 преведени книги на странски јазици. Книгата не треба да биде постара од 18 месеци, да биде објавена од издавачка куќа, да е достапна во книжарниците и да е во согласност со европските вредности. Авторите кои веќе ја добиле наградата или биле во потесен избор не можат да бидат повторно номинирани. Оваа година во изборот за Европската награда влегуваат 14 земји: Ерменија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Косово, Луксембург, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Шведска.
Европската награда се доделува од 2009 година и досега во изборот учествувале околу 200 автори. Наградата ја промовира литературната разноликост и меѓу-културниот дијалог во Европа. Досегашни македонски добитници на EUPL се Гоце Смилевски за Сестрата на Зигмунд Фројд (2010), Лидија Димковска Резервен живот (2013), Ненад Јолдески Секој со своето езеро (2016) и Петар Андоновски Страв од варвари (2020).
Прогласувањето на годинашните добитници ќе се одржи на 29 мај во Музејот на современа уметност во Варшава. Победникот ќе добие 10.000 евра и издавање на два превода, додека двајца автори ќе добијат специјално признание, 5000 евра и објавување на еден превод. Во септември ќе биде промовирана и антологија со извадоци од сите номинирани книги преведени на англиски јазик. Преведените книги на добитниците ќе бидат промовирани во октомври на Саемот на книга во Франкфурт.
Култура
Промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Тринаесеттиот“
На 2 март (понеделник), во „Јуроп хаус“ во Скопје, од 19 часот, ќе се одржи промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Тринаесеттиот“.
Овој е прв роман за деца и млади од авторката која важи за една од најпреведуваните домашни писателки и е добитничка на многубројни домашни и меѓународни награди, меѓу кои се и наградата на Европската Унија за литература, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“ итн.
Значењето на овој роман во македонската книжевност ќе ни го доближат промоторките Весна Мојсова-Чепишевска и Виолета Танчева-Златева, додека младите членови на актерската школа на Весна Петрушевска, која слави 30 години постоење, ќе го приредат изненадувањето за публиката и ќе го прикажат „Тринаесеттиот“ преку нивните очи.
Повеќеслоен, модерен и напишан на јазик што им е разбирлив на денешните генерации, „Тринаесеттиот“ се одвојува со својата иновативност и длабочина. Зборувајќи за теми што вообичаено ги избегнуваат романите за деца и млади, Лидија Димковска прави пресврт во своето творештво. Ова е роман што раѓа романи, во кој читателите преку одговори на прашањата поставени од авторката, создаваат еден нов однос со себеси.
Од Издавачкиот центар ТРИ, во чиешто издание е овој роман, ги покануваат и младите и возрасните на несекојдневен настан што ќе придонесе за отворање простор за нови разговори за важните прашања.
Оваа промоција е можност за читателите одблизу да се сретнат со Лидија Димковска, да слушнат повеќе за процесот на создавање на романот, да учествуваат во интерактивен разговор инспириран од темите што ги отвора делото, и да уживаат во одиграните сцени.
Настанот е отворен, а влезот е слободен.
Култура
Концерт на Национален џез оркестар со Mike Holober
Еден од најреномираните современи џез композитори и диригенти, Mike Holober, на 18 март ќе настапи со Национален џез оркестар, претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект This Rock We’re On: Imaginary Letters. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет со почеток во 20:00 часот, под диригентство на самиот автор.
Mike Holober е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект 𝑇ℎ𝑖𝑠 𝑅𝑜𝑐𝑘 𝑊𝑒’𝑟𝑒 𝑂𝑛: 𝐼𝑚𝑎𝑔𝑖𝑛𝑎𝑟𝑦 𝐿𝑒𝑡𝑡𝑒𝑟𝑠 е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“. Во ова дело, Holober создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.
Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија.
Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).
Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез оркестар, во изведба на Националниот џез оркестар и под диригенство на Mike Holober.
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на MKTickets.
Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ. Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]

