Култура
(Видео) Taftalidze Shuffle – нов албум на Влатко Стефановски
Новиот албум на Влатко Стефановски – Taftalidze Shuffle, со кој ја продолжува успешната соработка со најголемата дискографска куќа во регионот – Croatia Records, ќе биде објавен овој петок, 20 ноември. Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020 година не само во Македонија туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот „Огледало“ и тоа како ја заинтригира јавноста на овие простори.
На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното „Трио“. Во нова ритам-секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и син му Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија.
И овој албум, како и сите соло проекти на Стефановски, Влатко му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало… Затоа, песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому поради сензибилитетот што го носи музиката на Влатко Стефановски.
Албумот Taftalidze Shuffle е создаван во периодот од јануари до октомври 2020, а текстовите се пишувани од април до јуни во оваа специфична и чудна 2020 година.
„Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот“, открива Влатко зборувајќи за својот креативен процес.
Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, а миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра, ла, ла“ на Мите Димовски.
На албумот има и многубројни гости, кои уште повеќе ги оплеменија музиката и стиховите на Стефановски. Најмногубројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов. Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, а познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба.
Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив.
Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски.
Taftalidze Shuffle претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморијата на слушателот. Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора. Освен на компакт-диск, Taftalidze Shuffle на Влатко Стефановски кон крајот на декември Croatia Records ќе го објави и на винил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

