Култура
Владимир Јанковски настапува на саемот на книгата „Врисак“ во Риека
Писателот Владимир Јанковски од 11 до 14 септември е гостин на „Врисак“, саемот на книгата и фестивалот на автори, што од 10 до 17 септември се одржува во Риека. Ова е 16-то издание на фестивалот. Организатор на фестивалот е издавачката куќа ВБЗ од Загреб, во соработка со Музејот на современата уметност од Риека, детската куќа ГКР и Арт-киното од Риека. Фестивалот оваа години донесува повеќе од 50 настани (промоции на книги, претставувања, разговори и трибини, заедно со придружна ликовна, музичка и филмска програма), во кои ќе учествуваат стотина уметници.
Повод за гостувањето на Јанковски е хрватскиот превод на неговиот роман „Скриени желби, немирни патувања“. Книгата ја преведе Ивица Баковиќ, а издавач е издавачката куќа ВБЗ.
Владимир Јанковски ќе настапи на 13 септември во 21 часот, заедно со писателката Весна Мариќ. Модератори на вечерта ќе бидат хрватските писатели Иван Сршен и Марко Погачар.
„Скриени желби, немирни патувања“ е трет роман на Владимир Јанковски. Во него преку комбинацијата од педесетина приказни за ликови од разни географски меридијани и приказните за четири лика од Скопје авторот се занимава со прашањето за тоа како луѓето ја гледаат својата приказна, колку конструкцијата на тоа што сме или што можеме да бидеме е виртуелна имагинација, каков може да биде индивидуалниот одговор на притисокот да се биде успешен, како понекогаш потрагата по себеси и бегството од себе се поклопуваат, кој е нашиот дел, парче, фрагмент во големото шаренило на светот.
„Бизнисот и уметноста, глобалното и локалното, реалното и виртуелното, машкото и женското се само некои од релациите на кои преку живи калеидоскопски секвенци се огледува раскажувачката магија на прозаистот Владимир Јанковски. Во која било точка на тој целосно стварен и сосема нестварен свет онаа пеперуга да замавнала со крилјата, некоја нежна бура ќе го издува остатокот. Така, имено, тврди теоријата на внимателно организираниот хаос: секоја добра книжевност“, се вели во хрватското издание на книгата.
Владимир Јанковски (Скопје, 1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено седум книги: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ (2023), „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015), „Вечно сегашно време“ (2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори за Влада Урошевиќ“ (2003). За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на „Фондацијата Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со книжевен превод.
Ивица Баковиќ (Чаковец, 1982) дипломирал кроатистика и славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб. Во 2013 година докторирал на компаратистичка тема од областа на македонската и хрватската книжевност. Работи како доцент на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб. Бил соработник на проектот „Книжевните, јазичните и културолошките аспекти на хрватско-македонските односи“ и соработник на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“. Член е на Друштвото на хрватските книжевни преведувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

