Култура
Влатко Стефановски вечерва со концерт на Охридско лето одбележува пет децении музичка кариера
Mакедонскиoт амбасадор Влатко Стефановски вечерва на Античкиот театар ќе прослави половина век музичка кариера во рамките на програмата на фестивалот Охридско лето. Концертот ќе почне во 21 часот.
Стефановски е основач на „Влатко Стефановски трио“ и еден од основачите на групата „Леб и сол“, во која Стефановски бил гитарист, пејач, композитор и автор на текстови. За време на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ снимила 12 албуми, една двојна компилација и музика за разни намени: филмски и театарски претстави, како и телевизиски серии. Првите соло настапи на Стефановски почнале во почетокот на 90-тите, а заедно со Бодан Арсовски во 1990 година го издал првиот македонски компакт-диск, со музика за рок-балетот „Зодијак“. Во 1994 година Стефановски го снимил својот прв самостоен албум, „Каубои и индијанци“.
Во 1993 година Стефановски работи на проектот „Сараево“ за потребите на претставата на Горан Стефановски, прикажана во театарот во Антверпен, во режија на Слободан Унковски. Потоа следува музиката за филмот „Џипси меџик“, во режија на Столе Попов, а компакт-дискот се појавил во продажба во 1997 година и насловната песна од овој албум „Џипси сонг“ станува хит на Балканот. Влатко е дел и од проектот Balkan Horses, во кој, покрај него, учествувале и неколку еминентни музичари од Балканот, како: Теодосиј Спасов (Бугарија), Костас Теодору (Грција), Краси Желазков (Бугарија), Хакан Бешер (Турција), Емил Букур (Романија), Сања Илиќ (Југославија), Стојан Јанкулов (Бугарија) и Тамара Обровац (Хрватска). Во 2001 година Стефановски ја објавува компилацијата „Кино Култура“, на која место наоѓаат најинтересните музички теми од пет филма: „Џипси меџик“, „Небесна јадица“, „Три летни дена“, „Самоуништување“ и „Пат кон сонцето“.
На почетокот на 2002 година, на покана на хрватскиот режисер Вицко Руиќ, Влатко ја пишува музиката за неговиот втор филм „Серафин, син на светилничарот“. Истата година, во текот на летниот период, тој настапувал во повеќе земји, во разни формации (со своето трио, со Мирослав Тадиќ, со Џибони итн.), а есента се посветил на снимањето на својот следен соло албум.
Во 2004 година Стефановски и Мирослав Тадиќ го снимаат албумот „Трета мајка“, на кој гостува и бугарскиот музичар Теодосиј Спасов. Како последица на интересот на Стефановски за разни музички жанрови, тој гостува на албумите на повеќе групи и пејачи, како: хрватската група „Филм“, Жељко Бебек, Васко Серафимовски, Оливер Мандиќ, Бојан Зулфикарпашиќ, Вања Лазарова, Владо Јаневски, Џибони… Во текот на својата долга музичка кариера Влатко Стефановски е добитник на повеќе награди, како: Естрадната награда на Југославија, награда (за животно дело) Трајни вредности во Македонија, награда на Стериино позорје, за музиката во претставата „Ослободување на Скопје“, Три награди „Златен грамофон“ на фестивалот „Месам ’87“ и Повелба на градот Чикаго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

