Култура
ВМРО-ДПМНЕ: Случајот „Хотел ‘Шар ан’“ – реална слика на алармантната состојба во македонската култура
„Додека Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ постојано алармира и бара да се преземат одлучни мерки за заштита на културното наследство и, пред сè, заштита на културните богатства на Скопската чаршија, власта уште еднаш на дело ги покажа својата незаинтересираност, инертност и неефективност во случаите со превенирање и спречување на криминално-профитерските планови на своите партиски кадри и соработниците од коалициските партнери“, велат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
„Криминалното уривање на хотелот ‘Шар ан’ во рамките на старото градско јадро на главниот град на државава, со посебени закон и стратегија заштитената целина на Скопската чаршија, чие постоење е исторски датирано од XV век, а чие монументално потекло датира уште поназад во XI век, е случај за кој апелираме цела година. Вчерашните случувања предизвикаа силна реакција во јавноста, чија жестина е правопропорционална со молкот на одговорните владини претставници. Инволвираноста на кадрите на СДСМ и нејзините коалициски партнери организирани во криминална банда, делува навистина застрашувачки.
Дрското бришење на оваа културна реликвија не само што означува безобзирно непочитување на историското значење на културен простор во стариот дел на градот заштитен на највисоко ниво туку покажува и со прст кон свесното искористување на коруптивните механизми како начин на функционирње на оваа власт.
Рушењето на хотел „Шар ан“ е трагичен случај кој не претставува обична архитектонска загуба, туку посочува на системското распаѓање на државата, во која желбите за профит свесно ги прескокнуваат црвените граници за заштита на културно-историското наследство. Тајните зделки за вакво неовластено тргување со културното богатство на една држава, креираат слика на систем кој гние во своето јадро, во кое се вмешани поединци од различни државни институции и приватни правни лица“, пишуваат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи.
„Значењето на Старата скопска чаршија не смее да се потцени, таа е монументален градски комплекс, културна ризница од сите видови културно наследство, таа е доказ за богатиот со наследство простор на Македонија и секоја нејзина девастација не е само чин на уривање на еден објект, туку дрзок напад врз богатата историја на Македонија.
По овој еклатантен чин на агресија врз културното наследство, довербата во властите е разнишана до тој степен, што ја остава јавноста сама да извлекува заклучоци, да суди и да се бори со прашањата за лична и колективна одговорност.
Наспроти изобилството декларации и прогласи за светоста на културното наследство ширум светот, наспроти потпишаните резолуции за прифаќање на Бледски договори или Љубљански процеси, се чувствува отсуство на брза, остра и решителна акција за зачувување на ваквите веќе ретки историски градби. Во ова се крие страшната вистина дека, профитот и личните интереси ја надминуваат личната и професионална етика и законската обврска за грижа и нега на македонското културно богатство.
Неспорна е одговорноста на раководителите на институциите, но неизбежно е прашањето за одговорноста и на другите раководни државни службеници во истите тие институции. Тие се клучните сегменти во системот на квалитетна работа кои треба да ги евидентираат и посочат сите недостатоци и неправилности во одредени постапки поврзани со заштитата. Очигледно е дека недостатоците и неправилностите се премолчувани токму од раководните државни службеници. Затоа, повторно прашање до министерката: По кои критериуми се поставуваат раководителите на институциите и раководните државни службеници на носечките сектори во нив? Случувањата од вчера личат на вешто замрсено клопче, со свесна намера, кое спротивно од логиката треба да се отплеткува од центарот.
Во општество во кое заштитата на културното наследство е на најниско можно ниво и по многуте наши укажувања не добивме одговор, ниту видовме нечија одговорност. Сè ова предизвикува сериозно длабока загриженост. Јавноста продолжува да го изразува своето згрозување, опозицијата во континуитет бара одговорност, а хотелот „Шар ан“, едноставно, го нема.
Во годината во која Комисијата за култура интензивно и професионално укажува и реагира, од културната мапа на Македонија, преку ноќ, исчезнуваат цели локалитети и културно-историски добра зад чие неповратно бришење стојат токму владините кадри, функционери, раководни државни службеници и нивните бизнис-соработници“, додаваат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.