Култура
Возбудливо музичко патување на Охридско лето со моќниот глас на мецосопранистката Каменица
Моќниот глас на мецосопранистката Викена Каменица од Република Албанија и звуците на пијаното произведени под вештите раце на познатата албанска пијанистка Мерита Реџа-Тершана, вчеравечер ја исполнија внатрешноста на црквата „Света Софија“. Концертот на албанските уметници се одржа во рамките на музичката програма на фестивалот Охридско лето.
Оперската дива Викена Каменица ја воодушеви публиката со својот импресивен глас, но и со сценскиот настап на подиумот во катедралната црква, со што уште еднаш го потврди епитетот што го носи, оперска дива со глас што ги воодушевува слушателите.
„Почестена сум што бев гостин на јубилејот на овој прекрасен фестивал. Ми беше чест што гостував заедно со мојата пријателка бидејќи заедно работиме веќе 20 години и се знаеме многу добро. Токму затоа ни е многу лесно кога сме дует и кога работиме заедно. Публиката на концертот беше одлична. Мило ми е што го прифатија и уживаа во нашиот репертоар, кој беше разнобоен со многу композитори“, изјави мецосопранот Каменица.
Пијанистката Мерита Реџа-Тершана, која критиката, публиката и медиумите ја сметаат за една од најактивните уметници на албанската територија, и минатата година ја почести публиката со својот настап одржувајќи концерт заедно со флејтистката Јонела Големи.
„Не сум гостин првпат, имам гостувано на фестивалот и порано, но секојпат е возбудливо да се настапи овде. Охрид има прекрасен фестивал и одлична публика, така што ми беше чест да настапам повторно. Во ова време е многу тешко да се прави музика и да се реализираат концерти поради вирусот Ковид-19, но вашата организација е одлична и е за голема пофалба, така како што им личи на јубилејните 60 години постоење“, рече Реџа-Тершана.
Возбудливото музичко патување почна со „Матината“ од Леонкавало, продолжи со Шубертовите композиции „Крај потокот“ од циклусот „Зимско патување“ и „Липа“, а продолжи со ариите „Ханабера“ и Сегедеија“ од операта „Кармен“ на Бизе. На репертоарот беа и дела од Албениц, Сен-Санс, Гранадос, Барбиери, Чапи, Дебиси, Вајл и Гершвин. Извонредната интерпретација на Каменица во пријано придружба на Реџа-Тершана беше заокружено со албанските композиции „Мој убав цвету“ од Мула и „Маргело“ од композиторот Јакова.
Публиката, која како и сите претходни фестивалски вечери максимално ги почитува протоколите за посета на настани од ваков тип, уживаше еден и пол час во прекрасниот концерт и ги награди двете уметници со бурни и долги овации.
До крајот на годинешното 60-то јубилејно издание на фестивалот Охридско лето на програмата ќе се одржат уште три музички настани. Вечерва, концерт ќе одржат италијанските уметници Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано. Утревечер ќе настапи машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ од Србија, а годинешната музичка програма ќе ја затворат познатата македонска обоистка Гордана Јосифова-Неделковска со концертот со наслов „Музички пријателства“ и нејзините гости на вечерта – гитаристот Влатко Стефановски, флејтистот Страшо Темков, како и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

