Култура
Во Битола онлајн натпревар по пијано со учесници од 19 држави
Во Битола по вторпат се одржува меѓународниот натпревар „Пијанофест 2020“, на кој учествуваат 148 натпреварувачи од 19 држави од целиот свет: Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Малта, Литванија, Црна Гора, Молдавија, Белорусија, Хрватска, Израел, САД, Романија, Словенија, Јужна Кореа и Косово.
Натпреварот го организира здружението „Пијано”, чии основатели се пијанистките од Битола, Јана Четелева Белевска и Марија Шамоска Буџаковски.
Оваа година, поради ситуацијата со Ковид- 19, натпреварот се одржува онлајн. Натпреварувачите ќе бидат оценети од жири во состав: Даница Стојанова – Македонија, Милица Шкариќ – Македонија, Петар Младеновиќ – Србија и Маргарита Вујовиќ – Русија, Србија.
Во тек се оценувањата на пријавените натпреварувачи од страна на стручното жири, по што, после 20 декември, ќе бидат објавени резултатите и лауреатите. За најдобрите, ќе бидат доделени и парични награди. „Пијанофест“ е нова успешна приказна за Битола, која го претставува градот и го популизира не само во домашни, туку и во светски рамки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Доксијадис и Скопје – изложба што ја враќа приказната за обновата по земјотресот во ’63-та
Вчера, на 11.11.2025 година, во 19 часот по грчко време, пред бројна публика во Галеријата на Школата за архитектура при Аристотеловиот универзитет во Солун, беше отворена архитектонската изложба „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (The Future as a Project: Doxiadis in Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година.
Повеќе од шест децении од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, размислувањата…, сето тоа придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје. Станувајќи стратешка алатка за трансформација на Скопје во идна метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи кон крајот на 60-тите и 70-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи.
Седум години од првото претставување во музејот Бенаки во Атина преку голема изложба, конференција и публикација, и две години по одржувањето изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје, истражувањето „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ беше претставено во Солун.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Владимир Десков Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос, заедно со соработниците Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Кристос Георгиос Критикос.
Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 декември, 2025 година.
Култура
„Арабеска“ – новата стихозбирка на Милчо Мисоски како современ повик кон убавината и добрината
Со длабока уметничка посветеност и богат духовен набој, збирката „Арабеска“ од Милчо Мисоски го остварува она што многу ретко се случува – преку поетската форма, авторот не само што се враќа кон античките симболи на убавината и добрината, туку ги поставува како основа за визија на подобар свет.
Во овој книжевен труд, идеалот за естетско и етичко, во сите нивни облици, форми, закони, предмети и појави, добива свој пиедестал, а читателот е повикан да се напои од вечните води на филозофските вистини. Збирката има егзистенцијална длабочина и не остава рамнодушен оној што сака да се сретне со смислата и копнежот на духот.
Милчо Мисоски е автор на повеќе поетски збирки, меѓу кои се издвојуваат „Чекајќи го ангелот“, „Записки“, „Изневерено време“, „Песочни капки“ и „Стаклени сенки“. Неговата прва збирка „Чекајќи го ангелот“ беше прогласена за најдобра збирка поезија на Конкурсот на Книжевна Младина на Македонија, што го потврди неговиот талент и поетска зрелост уште од првите чекори.
Посветен на трагањето и на отворањето на нови патеки во македонската поезија, Мисоски на својот читател му нуди простор за медитација и искуство на убавото како ветување, а добрината како темел.
Со „Арабеска“, авторот не само што го објавува своето ново дело-покана, туку ја реафирмира верата во содржината на поетското зборување – вистинската поезија не е само збор, туку живеење.
„Арабеска“ е книга која треба да се чита бавно, со внимание, за да се почувствува не само звукот на стихот, туку и неговата светлина.
Милчо Мисоски е доктор по медицински науки, но и поет кој преку зборот се обидува да ги допре големите прашања на човечкото постоење.
Култура
Изложба „Стопен град“ на Игор Сековски во Чифте амам
Изложба со наслов „Стопен град“ на Игор Сековски ќе биде отворена на 14 ноември 2025 (петок) во Националната галерија на Република Северна Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот.
Со проектот Стопен град, Игор Сековски го продолжува своето истражување на градот како жив, чувствителен и нестабилен организам. По серијата дела посветени на урбаните трансформации, овој пат фокусот е насочен кон климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост.
Серијата парафински објекти го претставува градот во состојба на топење – како метафора на архитектонскиот поредок под притисок на топлина, загадување и ентропија. Парафинот, материјал што реагира на температурата, го воведува климатскиот фактор како коавтор на формата, каде што уметноста станува еколошка соработка меѓу човекот, материјата и околината.
Стопените структури асоцираат на надреални урбани пејзажи во кои границите меѓу стабилност и распад, реалност и имагинација, стануваат флуидни. Градот се појавува како „психогеографија на нестабилност“, при што топлината не е само физички, туку и психолошки и социјален симптом.
Изложбената поставка, со „левитирачки“ парафински форми и нивните сенковни проекции, создава впечаток на урбана фрагментација и климатска халуцинација – град во состојба на распаѓање, кој истовремено го задржува сеќавањето на сопствената стабилност.
„Стопен град“ ја претвора уметноста во лабораторија на топлината и кревкоста, прикажувајќи го топењето како физички и емоционален процес. Концептот на „урбана топлинска имагинација“ го реосмислува градот како динамичен екосистем што постојано се менува под влијание на климатските сили. Проектот не прикажува крај, туку трансформација – град што се претопува, но не исчезнува. Така, Сековски го поканува гледачот да ја замисли иднината на урбаното пред да се стопи реалноста што ја познаваме.
д-р Ана Франговска
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Северна Македонија и ќе биде поставен до 27 ноември 2025.

