Култура
„Во детската соба“ – нова куклена претстава на репертоарот на Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје
Утре, со почеток од 19 часот, на сцената на Театар за деца и младинци премиерно ќе биде изведена куклената претстава „Во детската соба“, авторски проект на режисерката Милена Миланова од Р Бугарија, која живее и работи во Франција.
Станува збор за куклена претстава работена по различни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари со кои Миланова има соработувано во претходните години. Авторката исто така во претставата го користи и методот на театарот на материјалот.
Претставата раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата ,,Kрени-носи”. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме”. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри креноносачи ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша. „Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со останатите.
Режисерката Миланова, која воедно е и драматург на претставата вели дека „Во детската соба“ е претстава која промовира нови методи на создавање куклени претстави.
– Во процесот на создавање на претставата користевме некои елементи од методот на Филип Женти, но иста така користиме и елементи од театарот на кловнот. Имаме мешавина од елементите на Женти, кои се состојат од многу движење, куклено мајсторство, многу алатки како да се поврзи кукларот со куклата, манипулациите, односот и ставот на куклата, неговиот став кон телото и неговото движење. Најважната работа е што ние работевме во крвотокот на театарот на материјалот, еден од најновите вредности во светот на куклениот театар. Овој пристап на работа постои две декади, но не многу автори го употребуваат. Тоа е комплексен начин да се направи визуелна драматургија со кукли, материјал и актери, потенцира режисерката Милена Миланова.
Секоја претстава што ја создаваме сама по себе секогаш се разликува од останатите, вели таа и додава дека оваа претстава е многу интимна и со значења на повеќе нивоа.
– Малите деца можат да ја видат магијата во неа, поголемите деца да размислуваат, а возрасните можат да почувствуваат дека се буди детето во нив. Претставата се разликува од другите по комплексноста. Во неа имаме: актери, куклари, драмски карактери, куклени карактери и сите заедно живеат во ист свет кој е волшебен и можеме да патуваме низ него. Сметам дека тоа е најважно во уметноста кога гледачите може да патуваат низ тој свет, да почувствуваат нешто ново, да ги натера да размислуваат за сопствената состојба во нивните животи. Впрочем, се работи за детето во нас, како ние се чувствуваме во однос на тоа дете, како се грижиме за него и како всушност понекогаш забораваме на него, вели Миланова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.