Култура
Промоција на три стихозбирки од едицијата „Гравири“
Вечерва, 26 септември, во киното „Фросина“, во соработка со Младинскиот културен центар – Скопје, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на три стихозбирки од едицијата „Гравири“, едиција за современа европска поезија, на „ПНВ публикации“ од Скопје. Станува збор за стихозбирките „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ (Србија), „Санг“ од Ален Брлек (Хрватска) и „Полето“ од Мартин Глаз Серуп (Данска).
Настанот ќе содржи поетско читање и разговор за предизвиците и задоволствата од преведувањето на делата помеѓу преведувачите Јовица Ивановски, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска, и авторите Драгослав Дедовиќ, Ален Брлек и Мартин Глаз Серуп.
„По успешниот настан ‘Во препев #1’, на кој синоќа беа промовирани книгите ‘На околу два и пол часа од рајот’ од Имануел Мифсуд (Малта), ‘Слободата чекори гола’ од Марам ал-Масри (Франција/Сирија) и ’13 хрватски поети: избор од современата хрватска поезија’, преку песните на Лана Деркач, се надеваме дека публиката повторно ќе се охрабри и активно ќе се вклучи со пишување свои стихови или со препев на некоја од песните на авторите на некој од странските јазици што ги познаваат, како што беше случај синоќа за време на паузата помеѓу делот со читањето и разговорот. Сметам дека непосредната комуникација со публиката и бришењето на таа невидлива граница што ги омеѓува сцената и аудиториумот е клучна и нужна за авторот и делото вистински да допрат до своите читатели, што воедно се или можеби ќе бидат и идни писатели или преведувачи“, изјави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ публикации“.
Настанот е поддржан од „Традуки“ и од Данскиот фонд за уметност, а е во соработка со Хрватското друштво на писателите (ХДП), со кое „ПНВ публикации“ склучи билатерална соработка за книжевна размена.
Драгослав Дедовиќ (1963, Земун) објавил 11 книги поезија, меѓу кои: „Kафе Суматра“, (Сараево, 2005), „Динарски Буда“ (Белград, 2008), „Усвитување“ (Нови Сад, 2013), „Земјата под абажур“ (Сараево, 2021). Лириката му е препеана на повеќе јазици, неколкупати е наградуван. Застапен е во антологии на српската, на босанскохерцеговската и на светската поезија. Од германски има преведено десетина прозни дела, како и лирика на низа современи германски поети.
„Земјата под абажур“, во препев на Јовица Ивановски, беше издадена годинава со поддршка на „Традуки“.
Ален Брлек (1988, Загреб) пишува проза и поезија. Автор е на стихозбирките „Метакморфози“ (2015, Алгоритам; 2013 награда „На врх језика“), „Пратишина“ (2017, Контраст, Белград; второ издание 2012, Фрактура, Белград) и „Санг“ (2019, ХДП; награда „Мали Квирин“, во финале за наградите „Тин Ујевиќ“ и „Иван Горан Ковачиќ“). Збирките претставуваат трилогија на умот, духот и телото. Песните му се преведени на повеќе јазици и застапени се во неколку антологии на хрватската поезија. Во 2022 година избор песни е преведен и објавен на француски јазик од издавачката куќа Galerie – Librairie Lollave. Дел е од „Версополис“ и од музичко-поетскиот проект „Зарон“ заедно со Дарко Шепаровиќ, Емил Андреис и Луција Бутковиќ.
Неговата поезија на македонски во препев на Ѓоко Здравески е објавена во стихозбирката „Санг“ и во збирката „13 хрватски поети: избор од современата македонска поезија“, обете годинешни изданија на „ПНВ публикации“, поддржани од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.
Мартин Глаз Серуп е роден во 1978 година и живее во Копенхаген, Данска. Автор е на многу книги за деца, на книжевни критики, есеи и проза, како и на девет стихозбирки, меѓу кои најновата е „Бескрајно лето“ (2020), а веројатно најпозната на меѓународно ниво е поемата „Полето“ (2010), што досега е објавена во девет земји и е неговата првообјавена книга на македонски јазик.
Препевот од англиски е на Јулијана Величковска, а книгата, со поддршка на Данската фондација за уметност, е издадена од „ПНВ публикации“, Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.

