Култура
Во Филхармонија премиера на „Реквием за мојот пријател“ посветен на Кишловски
Оркестарот на Филхармонија в четврток, во 20 часот премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“ на композиторот Збигњев Прајснер, посветен на режисерот Кшиптоф Кишловски.
Диригент е Емил Табаков, а како солисти ќе настапат вокалистите Билјана Јосифов, Енди Шен Лиу (Кина/Англија), Бојан Булатовиќ (Србија), Ѓорѓи Цуцковски, Александар Стефаноски, Золтан Борбељ (Србија) на оргули, Каролина Бетер (Германија/Србија) на соло блок флејта и мешаниот хор „Про арс“.
Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика, и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава.
Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го пишува првото поголемо дело – „Реквием за мојот пријател“ што го издава во 1998 година за „Ворнер класикс“. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава. Делото е издадено и на цеде и на винил од издавачката куќа „Сони Поланд“.
„Реквиемот“ е напишан во девет ставови. Типичен е за музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во него употребува и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти, тука Прајснер употребува голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата тонска визија.
Самиот композитор својата музика ја опишува како „гранична линија“. Дека не е ниту филмска музика, ниту класична. Нешто помеѓу.
„Создавам креации, правам креативна музика. Во ‘Реквиемот’ зедов голем дел од аспектите кои се типични за мојата филмска музика. Мојата музика има имиња, наслови кои ја дефинираат – ‘Тишина’, ‘Мир’… ‘Живот’ е приказна за нашето постоење, за она што поминало и она што допрва доаѓа. Размислувам и за смртта, за мене е важно прашањето ‘како да живееме и да умреме достоинствено?’“ – вели Прајснер.
Прајснер, првиот дел од „Реквиемот“ го напишал додека Кишловски лежел во болница, на смртна постела.
„Имаше операција на срцето и се шегуваше што ќе направи кога ќе излезе од болница. Но, никогаш не излезе. Напишав музика и за неговиот погреб, само за органа и глас кој потоа го проширив во ‘Реквием’. Финалниот дел е молитва за надеж, молитва за сила да продолжи животот. Делото е многу лично. Преку музиката, токму јас барам сила да продолжам да живеам во таа тажна ситуација. Во мојот живот имав малку луѓе со кои сакав да го минувам времето. Еден од нив беше Кшиштоф. ‘Реквиемот’ е молитва, но и барање, вакво пријателство да ми се повтори барем уште еднаш во животот“ – вели Прајснер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

