Култура
(Видео) „Врба“ на Манчевски – прв македонски филм на реномираниот Филмски фестивал во Рим
Светската премиера на најновиот игран филм на Милчо Манчевски, „Врба“, ќе биде на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим. „Врба“ ќе биде прв македонски филм што ќе учествува во официјалната селекција на овој фестивал, кој е најмладиот меѓу најелитните фестивали во светот, каде што светски премиери досега имале многу оскаровци.
„Врба“ е во официјална селекција меѓу 30-ина филма, заедно со новиот филм на Мартин Скорсезе, „Ајришмен“, како и „Мадерлес Бруклин“ на Едвард Нортон.
Филмот ќе биде прикажан и во нашата држава, но сè уште нема датум за македонската премиера.
Ова е прв филм на Манчевски кој е сниман во нашата земја по пауза од 10 години. „Убаво е чувството повторно да се режира тука, убаво е да не си во егзил. Јас сакам да работам во Македонија, дури и кога морам, како што беше случајот со ‘Пред дождот’ и ‘Прашина’, главните финансии и поддршка да ги организирам во светот, а потоа проектот да го донесам тука. Во овој случај првпат ја имав организациската поддршка од продукцијата и од Агенцијата за филм, каква што никогаш не сум имал досега. По многу години искуство, да имаш една таква инфраструктура, во која можеш комотно да работиш, е преркасно, исто толку убаво колку и задоволството од завршениот филм“, рече Манчевски.
Зборувајќи за приказната на филмот, тој рече дека овој пат таа има среќен крај.
„Врба“ е во продукција на „Банана-филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, во која учествува и Албанија. Снимањето траеше два месеца, од октомври до ноември минатата година. „Врба“ е филм за лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки, едната се случува во 17 век, а другите две се современи.
Во актерската екипа се: Петар Мирчевски, Сара Климоска, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ, Наталија Теодосиева и Никола Ристески. Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

