Култура
„Врба“ на Манчевски со фестивалски премиери во Романија и Кина

Филмовите на Манчевски продолжуваат на фестивали во Европа и Азија.
Вечерва „Врба“ на Манчевски ќе ја има романската премиера на најстариот и најголем романски интернационален фестивал – Трансилванија во Клуж-Напока. Ова е еден од првите фестивали во светот кој ќе се одржи во услови на пандемија – филмовите ќе се прикажат пред публика на отворени простори.
Кинеската премиера на филмот ќе се случи во август на фестивалот во Пекинг. „Врба“ ќе биде прикажан во престижната официјална програма за награди.
„Врба“ го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година. Оттогаш филмот беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Сараево, Софија, и други.
„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.
Инаку, во престижната програма „Под ѕвездите“ на интернационалниот филмски фестивал во Нанси, Франција, во август ќе се прикаже и претпоследниот филм на Манчевски, „Бикини Мун“. „Биину Мун“ е американско, канадско-германска копродукција во која главната улога ја игра Кондола Рашад, а Манчевски го сними во 2017.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Себастијан Фицек доаѓа на Саемот на книга 2025

Во година кога слави 15 години љубов кон книгите и речиси 500 изданија, издавачката куќа „Сакам книги“ го носи во Скопје еден од најголемите современи автори на психолошки трилери – Себастијан Фицек.
Овој мај, Фицек ќе биде специјален гостин на Саемот на книга 2025, каде што на 10 мај ексклузивно ќе ги претстави своите две нови книги преведени на македонски: Девојката со свеќа и Мимики.
Настанот вклучува и лична средба со читателите, потпишување, разговор и инспирација – историски момент за македонската книжевна сцена и заслужена награда за верната читателска заедница.
„Не постои ништо поубаво од тоа да се запознаеш со твоите читатели, и тоа во град како Скопје, каде љубовта кон книгите е толку жива“, изјави Фицек пред посетата.
Култура
Актерката Снежана Коневски -Руси е добитник на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп

По предлогот на НУ РСМ Македонски народен театар, наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ за оваа 2025 година ѝ е доделена на Снежана Коневски-Руси (1952), актерка.
Снежана Коневски-Руси, легенда на македонскиот театар, филм и култура, повеќе од пет децении е дел од театарскиот филмски репертоар во земјава. Нејзината актерска кариера низ децении тивко и непрекинато ниже широк дијапазон на ликови на сцената на МНТ и на други сцени. А со самото тоа се огледува и се документира и голем дел од општата историја на театарот и на филмот во земјава. Нејзината кариера во бројки изгледа вака: 48 театарски улоги, 10 улоги во серии и во филмови и 20 режии и асистенции на режија.
Тука се и активностите како сценарист и водител на голем број детски музички фестивали, синхронизација на неброени цртани филмови и ТВ-проекти, образовни и контактни емисии и сл. Творец е и на голем број проекти за деца (од предучилишна и училишна возраст), позајмува гласови на ликови во серии за возрасни и за деца, реализатор е на голем број специјални програми на НВО и долгогодишен соработник на ФААТ и ДАФ, Кочани, како селектор, член на жири-комисија и уметнички директор, како и спикер-водител и член на голем број емисии од музички, забавен и водителски карактер и на Детската радиодрама во РТС. Постојаноста на сцената, одличната дикција, како нејзин клучен адут и секогаш убедливата актерска вештина ја прават Снежана Коневски-Руси една од најквалитетните актерки кај нас, секогаш барана од колегите режисери.
Прецизна е, докрај посветена на ликот и на неговото место во целото дејствие. Лесно и добро го наоѓа и го промислува секој код/знак што го носи ликот и со убедлива актерска вештина знае искреираниот (неретко комплициран) лик да го пренесе на лесно разбирлив, интелектуален начин пред публиката. Она што посебно ја истакнува од плејадата актери од највисок ранг е јасното говорење на текстот и прецизно (како со нож) изразената дикција.
Снежана Коневски-Руси искажува/прикажува чист сценски говор за да може секој јасно да ги чуе секој збор и значењето на текстот, на начин на говор што „везе“ на сцената и што треба да го има секој актер. Вредноста и посветеноста на Снежана Коневски-Руси кон театарот се забележани и се наградени од стручните театарски и театролошки лица.
Ги добива наградите: награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за најдобро актерско остварување за улогата на Маргарита во претставата „Ричард Трети“, 1991 г.; наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за повеќегодишни значајни остварувања во областа на драмската уметност, 1992 г.; награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за епизодната улога на Слепата девојка во претставата „Крчма под зеленото дрво“, 1976; и награда на весникот „Млад Борец“ за најуспешен млад актер за улогата на Девојката во претставата „Димна Јуда, град градила“ и за монодрамата „Ана Франк”, 1974 г.
Култура
„Перото на Кочиќ“ за 2025 му е доделено на македонскиот поет Христо Петрески

Фондацијата „Петар Кочиќ“ Бања Лука – Белград ја додели престижната награда Перото на Кочиќ за 2025 година на македонскиот писател и поет Христо Петрески за книгата „Обратна (филозофија на полжавот)“, објавена во издавачката куќа „Македонија презент“ од Скопје.
Одлуката за наградата била донесена едногласно од жирито во состав: Никола Вуколиќ (претседател), Миљенко Јерговиќ и Младен Весковиќ (членови), истакнувајќи дека збирката поезија на Петрески претставува моќно поетско дело кое комбинира симболизам, филозофски размислувања и јазична прецизност.
„Оваа книга не е само збирка на поетски текстови – тоа е мозаик од интимни исповеди, општествена критика, антрополошки набљудувања и егзистенцијални прашања. Петрески пишува едноставно, но длабоко, често преку народна мудрост и лирска филозофија“, изјавува претседателот на жирито, Никола Вулолиќ.
Петрески, кој е роден во 1957 година во Крушево, се смета за еден од најзначајните современи македонски писатели. Тој е автор на бројни книги и добитник на голем број книжевни награди и признанија. Во збирката „Обратна (филозофија на полжавот)“, како што е наведено од страна на жирито, поетот се занимава со темите на моралните дилеми, секојдневните трауми, надежта и самоиспитувањето, со критика на општествената рамнодушност и слабостите.