Култура
Врвната македонска пијанистка Илинка Манова и виртуозниот виолинист Игор Пикајзен со маестрална изведба на фестивалот Охридско лето
Престижниот фестивал „Охридско лето“ беше домаќин на маестралната хармонија на двајца истакнати музичари – пијанистката Илинка Манова и виолинистот Игор Пикајзен, кои во саботната вечер ја красеа сцената во црквата „Света Софија“ во Охрид со заеднички концерт. Овој насап ја остави публиката воодушевена и слушателски инспирирана од нивниот исклучителен перформанс.
Илинка Манова, позната по својата енергичност на сцената и беспрекорната техника, ја покажа брилијантноста, музицирајќи на пијаното без напор. Во синхронија со нејзиниот талент, возбудливата изведба на виолината на Игор Пикајзен додаде слој на емотивна длабочина на репертоарот подготвен за концертната вечер.
Дуото ја почести публиката со разновидна програма која поминуваше низ различни музички периоди, од класични ремек-дела до современи композиции. Фаннтастичната интеракција помеѓу пијанистот Манова и виолинската моќ на Пикајзен одекна кај присутните, оставајќи потпис со фестивалско наследство.
Внимателно курираната програма содржеше дела од реномирани композитори, од Шуман, Парт, Исаије, Дебиси, Фајн и Фролов, истакнувајќи ги длабоките емоции и техничкиот сјај на двата инструмента.
Со отворањето на концертот со „Соната за виолина и пијано Оп. 105“ на Шуман, дуото мајсторски ги пренесе страста и контрастните расположенија на делото, воодушевувајќи ги слушателите уште од првата нота. „Fratres“ на Парт обезбеди момент на длабока контемплација, прикажувајќи ја исклучителната музичка чувствителност и уметничка врска помеѓу инструментите на Манова и Пикајзен.

„Caprice d’après l’etude en forme de Valse de Saint-Saëns“ на Исаије ја покажа виртуозноста на двајцата музичари, презентирајќи спој на елеганција и технички сјај што ја остави публиката без зборови. По кратката пауза, сонатата на Дебиси за виолина и пијано ги маѓепса слушателите со своето евокативно и живописно раскажување. Дуото вешто навигираше во трите става, оживувајќи ја музиката со својата музичка финеса и динамична интерпретација. „Соната бр. 6 за виолина во е-мајор Оп. 27“ на Исаије, го покажа длабокото разбирање за делото на композиторот, импресионирајќи со емотивната изведба. Современите парчиња додадоа свежина во концертот. „За пријател“ на Мајкл Фајн прекрасно пренесе чувство на лична поврзаност, додека Концертната фантазија на Игор Фролов на теми од операта „Порги и Бес“ на Гершвин додаде возбудлив и живописен заклучок на вечерта.
„Ми претставува огромно задоволство што по долг временски период повторно сум дел од македонската музичка сцена, овој пат во Охрид. Иако веќе долги години не живеам во Македонија, чест и привилегија е да се настапува во татковината, нешто за кое сметам дека сите ние музичарите треба почесто да го практицираме, особено затоа што почитта кон нашиот опус треба да потекнува првенствено од домашното тло. Во оваа насока, сакам да искажам искрена благодарност до организацијата на „Охридско Лето“ и до музичкиот селектор, Бисера Чадловска, кои се сетија на мене и ми овозможија да бидам дел од ова 63. Фестивалско издание. Навистина апсолутна е привилегијата да се настапува заедно со неизмерно талентираниот Игор Пикајзен, со кој верувам дека успеавме да ги освоиме срцата на присутните гости“, изјави Илинка Манова.
Македонската пијанистка Илинка Манова која живее и работи во САД е добитничка на повеќе награди, а нејзината љубов и страст кон музиката ја преточува во суштинско изучување на оваа уметност. Првите образовни стадиуми ги завршува во Скопје во класата на проф. Валентина Нолчева, за потоа да продолжи да студира во класата на проф. Арбо Валдма во Келн и во класата на д – р Соломон Миковски на „Менхетен“ школата за музика во Њујорк. Добитничка е на полна стипендија за нејзините студии со Стефани Браун на САНИ каде што се здобива со титула магистер и со уметничка диплома. Во моментов е запишана на докторски студии за музичка уметност под менторство на д-р Анџелина Гаделија на Универзитетот во Конектикат. Добитничка е на прва награда на 29. Меѓународен натпревар за уметници во Њујорк, по што следи нејзиниот соло рецитал во „Карнеги хол“ во 2001 година. Добитничка е на повеќе стипендии, награди и признанија и тоа: наградите на градот Сенигалија во Италија, и Државната награда на тогашна Југославија на натпреварот за млади музичари во Сараево. Настапувала во Тајван, во зградата на ОН во Њујорк, во престижните „Стенвеј“ и “Меркин хол“, како и во други концертни сали во САД. Како солист и камерен музичар остварила настапи во Париз, Рим, Бон, Келн, Женева, Сенигалија, Белград, Љубљана, Скопје, како и низ повеќе градови во Источна Европа, и во САД. Илинка Манова е директор на непрофитната организација АртАхимса која преку уметностите промовира ненасилна култура. Предава во музичките училишта „Браунинг“ и „Дилер -Квејл“ во Њујорк, а нејзините ученици се лауреати на повеќе натпревари. Од 2012 до 2022 година Манова беше еден од раководителите на „Рондо“ платформа и натпревар за млади музичари преку која бројни млади уметници се мотивирани да го развиваат нивниот талент преку можности за концертни претставувања во „Карнеги хол“, како и преку учество на мајсторски курсеви на летната академија „Рондо“ во Женева, Швајцарија.

Наградуваниот Руско-американски виолинист Игор Пикајзен се смета за еден од најталентираните и најбарани солисти на неговата генерација. Во сезоната 2022/23 ќе биде промовирано неговото ЦД снимено за компанијата „Ворнер Мјузик“ со Лондонската филхармонија на кое ги изведува концертите од Глазунов и Чајковски, а исто така следи и промоција на изданието „Фантазии за виолина и пијано“ заедно со пијанистката Татјана Пикајзен. Следните и неодамнешни настапи ги вклучуваат концертите со Симфонија Торонто, Филхармонијата на Бока дел Рио, Мексиканскиот симфониски оркестар, Рускиот државен Симфониски оркестар, оркестрите во Истанбул, Чиле и Конектикат, Националниот симфониски оркестар во Грузија, оркестрите во Измир и Женјанг. Со рецитали ќе настапува во Чикаго, во Солт Лејк Сити во престижната серија концерти „Џина Бахауер“ како и во Њујорк. Претходно Пикајзен настапувал со Московскиот радио оркестар, Филхармонијата во Букурешт, оркестрите во Тбилиси, Јокохама, Бакау, Бјалисток, Кјелце под диригентските палки на Лиор Шамбадал, Лукас Борович, Александар Плат, Емил Табаков и многу други истакнати диригенти. Со рецитали настапува во некои од најпрестижните концертни центри како „Карнеги Хол“ и „Алис Тали Хол“ во Њујорк, салата „Чајковски“ во Москва, „Флаже“ и „Бозар“ во Брисел, „Аудитори“ во Барселона, „Кадоган хол“ во Лондон и др, како и на фестивалите „Вербие“, „Долината Напа“, „Ноќни серенади“ и др. Игор Пикајзен е роден во Москва и е внук на легендарниот виолинист Виктор Пикајзен. Дипломира на „Џулијард“ во Њујорк, а магистрира и се здобива со уметничка диплома на престижниот Универзитет „Јеил“. Добитник е на прва награда на натпреварот „Луис Сигал“ во Виња дел Мар во Чиле во 2015 година, прва награда на Меѓународниот натпревар „Вронски“ во Варшава, и сребрен медал на натпреварите „Х. Шеринг“ и „Клостер -Шонтал“. Пикајзен живее и работи на релација Њујорк- Денвер-Вестпорт каде е основач на летниот музички фестивал „Еделио“. Во 2019 година е назначен за професор по виолина на Музичката школа „Ламонт“ при универзитетот во Денвер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
„Охридско лето“ добитник на престижна та меѓународна награда „Да за уметноста“
Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција како признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како центар на врвната уметност, со програма која ја обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.
„Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“, вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се даде простор за најдобрите домашни уметници.
„Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

