Култура
,,Гласна тишина” – Прва самостојна изложба на Мартина Спасовска
На 5 декември, во 20 часот во Младински Културен Центар – Скопје ќе биде отворена изложбата „Гласна тишина“ (Loud Silence) на Мартина Спасовска.
„Мартина Спасовска во нејзините дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време. Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет. Притоа, поттикнува подлабоко разбирање на сложеноста на нашето постоење и потенцијалот за посочувствителна и похармонична иднина.” ,,Избегнувајќи идеализирање на портретните претстави делата на Мартина Спасовска се ослободени од своите физички граници и изведени со силна експресија и говорат пред сѐ за состојбата во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност. Деконструирајќи го портретот и повторно градејќи го низ одредени експресионистички потези постигнува ефект на преобразба на реалноста и се сосредоточува на неговото внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање. Во таа експресивна хармонија платното престанува да биде дводимензионална површина врз која се редат деликатни нијанси и сложени акорди на тонови, туку станува метафизички меѓупростор на визуелно конципирање на мислата во просторот.“
Горанчо Ѓорѓиевски – историчар на уметност
Мартина Спасовска, родена 1997 во Куманово, е млада визуелена уметница со седиште во Скопје, Северна Македонија. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Таа има изложувано на неколку групни изложби во Македонија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција.
Изложбата трае до 14 декември
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

