Култура
Големата пијанистичка ѕвезда Валентина Лисица вечерва на Охридско лето

Музичката програма на 62. Охридско лето продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“, со концерт на големата украинско-американска пијанистка Валентина Лисица.
Валентина Лисица многумина ја сметаат за првата јутјуб-ѕвезда на класичната музика, но таа е повеќе од тоа. Таа е првиот класичен уметник што успеал својот интернет успех да го претвори во глобална концертна кариера во некои од водечките концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка и во Азија.
Валентина своето прво видео на интернет го објавува на „Јутјуб“ во 2007 година – снимка на Етидата оп. 39 од Сергеј Рахманинов. Прегледите на ова видео се зголемуваат прогресивно по што следуваат нови објави и на тој начин се поставуваат темелите на кариера на социјалните мрежи каква што дотогаш светот не памети.
Благодарение на нејзината посветеност кон интернет-публиката, јутјуб-каналот на Валентина Лисица денес брои повеќе од 650.000 претплатници и има над 147 милиони прегледи, со просек од речиси 75.000 прегледи дневно. Нејзината страница на „Спотифај“ има повеќе од милион слушатели месечно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Неколкудневна турнеја на Театар Провокација низ регионот со „Земја на штркови“

Театар Провокација ја најавува својата неколкудневна турнеја низ регионот, со претставата „Земја на штркови“, која започнува на 13-ти мај, со учеството на фестивалот „Друмеви театрални празници“ во Шумен, Р. Бугарија, по кое следуваат и гостувањата во Србија (од 15.05 до 18.05) низ градовите: Белград, Вршац и Панчево.
Претставата „Земја на штркови“ отворено зборува за големиот бран на иселување на македонците во последниве неколку години и за очајната потреба од системски промени, како главна причина за заминување на младите во поразвиените земји.
Скопската публика оваа претстава ќе може да ја погледне во среда, 23-ти април во МКЦ со почеток од 20:00.
Во претставта играат: Мирјана П.Ристов, Радо Алексовски, И.Јакимова и Р. Ристов. Текстот е работен по мотиви од „Топлината во ноември„ од Јана Добрева, костимите се на Елена Лука, автори на музиката е на Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокалот е на Вера Милошебвска – Љубојна, сценските движења на Кренаре Невзати а адаптацијата на текстот, сценографијата и режијата се на Роберт Ристов.
Култура
Почина Тоше Поп-Симонов

Истакнатиот македонски композитор, продуцент и аранжер, Тоше Поп – Симонов почина денеска на 63 годишна возраст.
Поп-Симонов својата музичка кариера ја започна во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната скопска рок група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок бендот „Асторија“.
Тој остави силен белег на македонската музика во периодот на 1990-тите, кога соработуваше со речиси сите позначајни имиња од поп, рок, како и од фолк сцената во земјава и изведувачи од регионот, меѓу кои и Тоше Проески, Мизар, Архангел, Меморија, Анастасија, Дарио, Верица Пандиловска, Силви бенд, „Фрајле“ и Алка Вуица.
Неговите пријатели и соработници се простуваат од него со објави на социјалните мрежи.
Погребот на Поп-Симонов ќе се одржи во вторник, на 22 април 2025 година, на градските гробишта во Бутел од 11:30 часот.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ се прикажува на меѓународниот филмски фестивал во Москва

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски синоќа беше премиерно прикажан во Москва, во рамки на престижниот Moscow International Film Festival (Меѓународен филмски фестивал – Москва).
Московскиот фестивал важи за еден од најголемите во светот и е класифициран во А листата на филмски фестивали, заедно со Кан, Берлин, Венеција.
Основан е во 1935 година, a редовно почна да се одржува од 1959 година. Фестивалот е познат по тоа што комбинира светски премиери, авторски филмови и амбициозни независни продукции од различни земји.
„Јон Вардар против галаксијата“ денес ќе има уште една проекција во Москва.
Првиот македонски долгометражен анимиран филм успешно го продолжува својот фестивалски живот, откако минатата недела се прикажуваше и на меѓународниот фестивал во Буенос Ајрес, БАФИЦИ, кој се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм, со копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо од „Линкс студио”, Ева Конрад, браќа Калинови и Ладо Скорин, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.