Култура
„Градот ме тера да пеам“ музичка програма во Битола
Оваа сабота, 13 април, во Битола ќе се реализира целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во рамки на програмата на фестивалот АКТО 19 „Јавни простори во движење (кон) II“ во партнерска соработка со платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.
Во рамки на настанот со концертни и диџеј настапи ќе се претстави дел од македонската музичка сцена составена од млади и талентирани автори и изведувачи, чии квалитет и творештво е јадрото на домашната современа урбана култура.
Програмата ќе се реализира на две локации.
Преку ден во кафе барот Јагода од 12 до 16 часот, на битолскиот широк сокак ќе се промовира ПОП КУЛТУРА – винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари. Ова исклучително винил издание е реализирано како дел од платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ и опфаќа песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска, Дина Јашари, Андреја Салпе, Зи, Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признaениот музичар Slatkaristika. Промоцијата ќе опфати музичка програма со настапи на младите диџеи Димчуга (Dimchuga) од колективот WHY2K?, Гелев (GLV) и Кекиќ (Kekikj) од колективот МИНТ.
Вечерната програма од 22 часот до 5 часот наутро ќе се реализира во култниот битолски клуб Јагода. Првиот дел од вечерта со концертни настапи ќе се претстави младата генерација музичари, претставници на современата македонска поп, рок, инструментална краут рок и електронска музичка сцена. На сцената ќе настапат: Димитра, како претставник на локалната битолска сцена и бендовите Локал Блу (The Local Blue), Занаду и музичкиот проект Поетроника. По полноќ публиката ќе танцува на музичкиот избор на младите диџеи Јос и Мартина Пенева.
„Градот ме тера да пеам“ е една од бројните програми уредени од Мирко Попов, реализирани во соработка со пријателите од Битола и со фестивалот АКТО како долгогодишен придвижувач на современата мисла, уметност и култура. Тие заедно создаваа нови простори за презентација на музичката култура, следејќи ги будно младите и надоаѓачки сили, со кои во една интергенерациска нишка делеа сцени, искуство и соработка.
„Градот ме тера да пеам“ е песна на Мирко Попов и ПМГ Колектив, име на јубилејното 200-то издание на ПМГ Рекордингс-компилација на македонска музика селектирана од Мирко за која вели дека е „Приказна за убавите деца на овој град… убавите деца на оваа земја“, и име на 12-тото издание на фестивалот ПМГ Рекордингс во 2020 година.
„Градот ме тера да пеам“ е музички настан кој ќе се реализира оваа сабота на 13 април во Битола, за која Мирко милуваше да каже „Битола, втор роден крај“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.