Култура
Гудачки квартети од Бетовен, Јаначек и од Менделсон на репертоарот на Охридско лето
Гудачкиот квартет ,,Шуман“ ќе одржи целовечерен концерт на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот. На програмата се гудачки квартети од композиторите Л. В. Бетовен, Л. Јаначек и Ф. Менделсон.
Тројцата браќа Марк, Ерик и Кен Шуман музицираат заедно од нивното најрано детство, а заедно со виолистот Фaит Хертенштајн го сочинуваат гудачкиот квартет „Шуман“. Овие четворица музичари имаат неверојатна моќ да комуницираат без зборови. Иако нивните индивидуални квалитети се секогаш видливи, во нивниот заеднички настап тие се единство, кое се вклопува во еден вид духовна метаморфоза. Нивната отвореност за нови музички истражувања и исклучителна изведувачка љубопитност членовите на квартетот, веројатно, им ја должат на луѓето, од кои учеле како Еберхарт Фелц и квартетот „Албан Берг“, како и на оние со кои соработувале, на пример, на Менахем Преслер.
Во својот уметнички развој квартетот „Шуман“ веројатно ја достигнал фазата кога сѐ е возможно, а самите ќе речат дека за нив, „музичкото дело вистински се развива само за време на изведба во живо“. Па, така, со цел да внесат дополнителна енергија на концертите и да ја потврдат таа теза, тие настапуваат заедно со ред исклучителни уметници како партнери на сцената. Тоа се: Шарон Кам, Фабијан Милер, Ана Лусија Рихтер, Ана Винитскаја и Јорг Видман…
Во актуелната сезона квартетот „Шуман“ оствари концертна турнеја во Сингапур и во Аделаида во Австралија и двапати настапи во амстердамскиот „Концертгебау“ и дури трипати во „Вигмор хол“ во Лондон. Во април оваа година оствари европска турнеја (Брисел, Хамбург, Берлин, Женева…), на која заедно со пијанистката Ана Винитскаја го изведуваше клавирскиот квинтет од Роберт Шуман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на кратките филмови создадени во „Филмска училница“
На 13 декември, сабота, со почеток во 19:00 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ, ТИ И ЈАС, РОДЕНДЕНСКА МИТЕРИЈА, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА и ДЕВОЈЧЕТО НА СЛИКАТА.
Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED (Film Education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска (Centrum Kultury Filmowej im. Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Úsmev), а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).

