Култура
Два филма со македонска копродукција ќе учествуваат на интернационалниот фестивал во Сао Пауло, Бразил
Утре, 19 октомври, почнува 47. издание на интернационалниот филмски фестивал во Сао Пауло, еден од најголемите во Бразил, а со светско реноме, кој годинава ќе прикаже 362 филма од 96 земји како преглед на современата светска кинематографија, но и претставување на новите трендови, теми, наративи и естетика.
Фестивалот ќе прикаже два филма, во кои „Скопје филм студио“ учествува како македонски малцински копродуцент. Тоа се ЧУВАРИТЕ НА ФОРМУЛАТА на Драган Бјелогрлиќ, српско-македонско-словенечко-црногорска копродукција, и МОЛКОТ НА СИРЕНИТЕ, дебитантско остварување на Газменд Нела, направен како косовско-швајцарско-албанско-македонска копродукција.
„МОЛКОТ НА СИРЕНИТЕ го следи Авни, сообраќаен полицаец во мало гратче во Косово, семеен човек, ниту многу чесен ниту многу храбар. Со неговиот партнер Гезим примаат ситно мито од возачите што ги сопираат поради брзо возење. Една вечер, мислејќи дека прават добра работа, спроведуваат до полициската станица меѓународен судски обвинител, кој возел под дејство на алкохол, со торба полна со готовина во задниот дел од автомобилот. Тие двајцата набргу се наоѓаат заплеткани во случај на корупција, што оди предалеку за нив“.
Нашата актерка Амернис Нокшиќи толкува една од главните улоги во филмот, свој авторски придонес има Влатко Чачоровски како сценограф, а како продуцент се потпишува Томи Салковски. Во рамките на натпреварувачката програма „Нови режисери“, филмот ќе ја доживее својата светска премиера на 20 октомври (петок), а ќе следуваат уште две проекции, на 23 и на 28 октомври.
ЧУВАРИТЕ НА ФОРМУЛАТА е заснован на романот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ, а инспириран од вистински настан што се случил пред точно 65 години. Во Србија, 1958 година, во институција за нуклеарни истражувања, група научници се контаминираат за време на експеримент и набргу се разболуваат од зрачењето. Тие се испратени на лекување во Париз, но нивната единствена шанса за преживување е трансплантација на коскена срцевина, за тоа време сè уште експериментален третман и прв во светот од ваков вид. Филмот се прикажува во фестивалската програма „Интернационална перспектива“, со проекции закажани за 25, 29 и 30 октомври.
„Чуварите на формулата“, кој имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Локарно пред публика од речиси 8.000 гледачи и веќе ги освојува критиката и љубителите на филмот, вечерва, од 20 часот, во киното „Синеплекс“ во Скопје, ќе биде првпат прикажан пред македонската публика во рамките на фестивалот „Киненова“.
Двата филма се поддржани од страна на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.