Култура
Две „Златни арени“ за „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски
„Домаќинство за почетници„ по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“, освои две „Златни арени“ на филмскиот фестивал во Пула, кој почна на 11 јули, а се затвора денес, со прикажување на победничките филмови.
„Домаќинство за почетници“ беше дел од натпреварувачката програмата за малцински копродукции и ја освои „Златната арена“ за најдобра хрватска малцинска копродукција, а хрватскиот актер Владимир Тинтор доби „Златна арена“ за најдобра споредна машка улога за своето остварување во филмот.
„Домаќинство за почетници“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а меѓу другите финансиери е и Хрватскиот аудиовизуелен центар, чија поддршка е реализирана преку хрватскиот копродуцент „Кинорама“ од Загреб.

„Златните арени“ се деветта и десетта награда за награда за „Домаќинство“, кој досега е прикажан на повеќе од 70 фестивали во светот, а е дистрибуриан во кината во Америка, Австралија, Холандија, Хрватска, Полска и во Македонија.
Светската премиера на „Домаќинство за почетници“ се одржа во 2023 на Филмскиот фестивал во Венеција, а македонската премиера беше на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Филмот беше избран за македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм за 2023 година, а беше дел и од селекцијата за Европските филмски награди, каде што доби една номинација.
Дистрибутер на филмот на територијата на САД е Focus Features, Universal Pictures е интернационален дистрибутер за другите територии, а продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска го застапуваат филмот на територијата на Југоисточна Европа.
„Домаќинство за почетници“ може да се гледа на 19 и 20 јули во Кинотеката на РСМ од 20.30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

