Култура
Две книги на Васко Шутаров ќе бидат промовирани во Гевгелија

По повод чествувањето на заштитникот на Гевгелија, христијанскиот празник Вознесение Христово – Спасовден, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, под покровителство на Општина Гевгелија, организира богата културна програма, на која денес во 20 часот, ќе бидат промовирани две книги од Васко Шутаров.
Книгите „Со зрно сол. И парче локум“ (карантински колумни) и „Кога Татковината станува чедо, а вистината борба“ на Васко Шутаров-политиколог, поранешен пратеник и дипломат, колумнист и професор на МИТ Универзитетот се збирки од колумни, објавени од книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, a финансиски помогнати од Општина Гевгелија.
Промотори на книгите се Елка Јачева-Улчар, Бранко Цветкоски и Ирина Димовска.
Во рецензијата за неговата збирка карантински колумни, Јачева-Улчар ќе запише: „Она што остава посебен впечаток во колумните на Шутаров е неговата синтакса по која е препознатлив неговиот стил. Кажано со јазикот на синтаксичарите, Шутаров го разбива објективното реченично актуелно расчленување што ја подразбира линеаризацијата: тема + премин + рема, и прибегнува ту кон субјективната рема + премин + тема, ту кон рема + тема + премин. Токму последниов реченичен редослед е она што ја прави раскажувачката постапка на Шутаров особена и впечатлива, а на неговото четиво му дава извесен динамизам што придонесува кон тоа актуелните и мудри колумни на овој автор да се читаат во еден здив или кажано метафорично: како чашка жесток (интелектуален) пијалак испиен одеднаш до последна капка.
Авторот на оваа збирка колумни Васко Шутаров е доктор по политички науки и со значаен број активно поминати години во политиката, како парламентарната така и дипломатската. И во тој контекст, неговиот интерес за актуелните политики на меѓународен и на домашен план, е сосема разбирлив. Но читајќи ги неговите колумни, разбирам дека неговото „вјерују“ е, сепак културата. И кога пишува за актуелни политички настани, за здравствени проблематики, за еколошки или за образовни проблеми, а посебно за неговите омилени теми поврзани со креирањето културни политики и културна дипломатија, рамката за негова опсервација е секогаш културолошкиот контекст на случување на нештата. И од таа рамка, изнедруваат сознанија кои можат несомнено да бидат не само корисно четиво за читателите на неговите колумни, туку и корисен потсетник за сите кои во моментов или во иднина ќе креираат политики“.
Настанот се организира во просториите на Хотел „Аполонија“ во Гевгелија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.