Култура
Дебата на тема „Кинодистрибуцијата во време на пандемија – проблеми и предизвици“
Предизвиците со кои се соочуваат кинодистрибутерите и киноприкажувачите во земјата ќе бидат во фокус на дебатата што денеска во 11 часот ќе се организира во Џебното кино на Младинскиот културен центар. Настанот е во рамките на CINEIndustry филмскиот маркет, што го организира Асоцијацијата на филмските дистрибутери на Македонија од 25 до 30 ноември.
На дебатата ќе учествуваат: Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.
Арсова е координатор за меѓународни проекти во МКЦ од 2010 година. Таа е фестивалски координатор на фестивалот „Синедејс“.
Игор Мраков е маркетинг и менаџер за продажба во Cineplexx Macedonia.
Огнен Антов е продуцент на документарни филмови („Шнајдерките“, „Тутуноберачката“), потоа играниот „Џган“, како и детскиот игран „Стела“, чија премиера се случи токму годинава.
Јулијана Кузмановска е главен менаџер за дистрибуција во дистрибутерската компанија МЦФ-МКД од Скопје.
Дебатата ќе може да се проследи на интернет-страницата на АФИДИ (afidi.org/cineindustry), како и на фејсбук-профилот CINEIndustry Film Market.
„Во услови кога целата филмска индустрија е во криза поради ситуацијата со Ковид-19, овој настан е важен зашто ќе придонесе на едно место да се слушнат мислењата за разните елементи што ја сочинуваат дистрибуцијата, нешто што речиси не се дискутира во изминатите неколку месеци. Се надеваме дека дискусијата ќе биде првиот чекор за конструктивни решенија за иднината на дистрибуцијата во земјата“, велат организаторите на настанот.
На првиот ден на маркетот, вчера, продуцентот Атанас Георгиев, се осврна на успешната дистрибуција на документарецот „Медена земја“, кој е најуспешниот документарен филм во историјата на македонската кинемаграфија. Тој освои две номинации за „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за странски филм.
Тој одржа мастер-клас, што предизвика внимание и прашања. „Верувајте во себе и не откажувајте се“ – им порача тој на своите помлади колеги продуценти. Георгиев преку примери укажа како се развива интересот на светот за документаристиката, но и за огромниот скок што „Медена земја“ го направи на светско ниво и погледот што го смени за овој жанр воопшто.
Поради пандемијата, „Медена земја“ не можеше да се дистрибуира во Франција, Италија и во други планирани земји. Филмот имаше огромен успех со дистрибуцијата во САД.
Георгиев, кој во моментот работи на документарниот филм посветен на Ковид-19, кој се снимаше во Вухан, е скептик за блиската иднина на кинодистрибуцијата и киноприкажувањето во светот во наредната година.
„Ова, дефинитивно, е крај на ерата на кината, која не очекувам да се подобри ниту во 2021 година. Во последните години се прикажуваа сѐ повеќе документарни филмови во киносалите. Индустријата тоа го забележа и почна да инвестира во тоа. Кога станува збор за маркетинг, Американците не штедат. Тие потрошија двојно повеќе за да го донесат филмот до ‘Оскарите’. Ќе ги закупат сите билборди, реклами, сите маркетиншки алатки ги користат. За нив е многу важно режисерите да ги однесат на прва проекција во градот каде што ќе се прикажува филмот“, вели Георгиев.
Утре, во 14 часот, ќе следува презентација на Меѓународната федерација на асоцијациите на филмските дистрибутери, што ќе ја одржи Алина Попеску, генерален секретар на ФИАД. Попеску ќе одржи онлајн-презентација за работата на ФИАД и предизвиците на дистрибутерите во Европа во овие предизвикувачки времиња и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија.
На 28 ноември во 12 часот ќе се одржи предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата, но никогаш не сте се осмелиле да прашате“. Ќе зборува Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на Cinesquare.net, единствената македонска Video on Demand (VoD) платформа. На 29 и 30 ноември ќе се одржат пичинг-сесии на наши филмски режисери и продуценти со одобрени проекти, кои ќе имаат можност да разговараат со филмски агенти за продажба.
CINEIndustry се реализира со поддршка на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

