Култура
Девет премиери на Ромскиот театарски фестивал во Скопје
Република Северна Македонија е домаќин на 17. Ромски театарски фестивал Garavde Muja. Во организација на асоцијацијата „Романо Ило“ од Скопје, а под покровителство на Министерството за култура, од 16 до 19 октомври ќе се организира ромска театарска манифестација, во која ќе се презентираат девет премиери и една бонус претстава од 1989 година. Во програмата на фестивалот учествуваат театарски екипи од Северна Македонија, Србија, Косово, Романија и од Германија. Покрај театарските ансамбли од наведените земји, своја монодрама ќе презентира и светската ромска фолмска актерка Алина Сербан, позната по филмот Gipsy Queen.
Исто така, на годинешното издание на фестивалот ќе учествува и Неџо Осман со претставата „Рукели“. Познати режисери што ќе учествуваат на фестивалот се Нада Кокотовиќ од театарот ТКО, Жоро Иванов од Бугарија, Џевдед Дода од Косово и Михаел Лукас од Романија и други. Како консултант на фестивалот се појавува името на култниот режисер од театарот „Пралипе Рахим Бурхан“ од Германија
Поради пандемијата на Ковид-19, годинешното издание ќе биде во комбинирана форма. Некои од претставите ќе се прикажат преку онлајн-платформата romanoilo.mk-garavdemuja и на интернет-страницата на порталот „24 вакти“. Во живо ќе се емитуваат три театарски претстави во градот Скопје и градот Штип со ограничен број публика, не повеќе од 50 луѓе на отворен простор, во согласност со протоколите од страна на Министерството за здравство.
Во 2002 година, кога почна да се организира оваа манифестација, мојот сон беше да постане светски фестивал, каде што ќе учествуваат разни театарски ансамбли од повеќе земји, кои ќе ја претстават театарската уметност на ромски јазик. За жал, за малку сонот не постана целосно јаве. Поради пандемијата на Ковид-19, театарските ансамбли се спречени да дојдат во Северна Македонија и да настапат пред македонската публика. Сепак, се гордеам што на годинешното издание на фестивалот пријавените учесници онлајн ќе ги презентираат своите театарски проекти, вели Бранислав Петровски.
Целта на фестивалот е да се мотивираат младите Роми да создаваат уметнички театарски дела. Интенцијата на фестивалот е да ја поттикне младата ромска популација активно да се вклучи во театарската уметност, која треба да служи како алатка за адресирање на проблемите со кои се соочува ромската популација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

