Култура
„Дедо и Внук“ на Илија Пиперкоски селектиран на шест светски филмски фестивали
Buenos Aires International Film Festival, Osaka International Film Festival – OIFF, Stockholm City Film Festival, Dallas Independent Film Festival и Prisma Rome Independent Film Awards, International film Festival – Sweden се последните филмски фестивали кои го селектираа во својата програма играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски.
Станува збор за фестивали на кои се пријавуваат преку 1.500 филмови за да бидат дел од официјалната селекција.
Играниот филм „Дедо и внук“ неодамна беше прогласен за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон. Претходно „Дедо и внук“ ја освои наградата за најдобра режија на The Buddha International Film Festival, наградата за „Најдобар филм“ на Интернационалниот филмски фестивал во Париз, а доби и две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови. Досега две награди за фотографија освои и директорот на фотографија, Патру Паунеску.
Режисерот Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува приказна со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.
Култура
Најдоброто од „Киненова“ од денеска во Кинотека
Вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма Најдоброто од „Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на ГРАН ПРИ на МФФ КИНЕНОВА, првиот филм на победникот на последното издание на БЕРЛИНАЛЕТО, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни Палестински филмови и многу други сеуште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Од 18:00 часот, вечерва во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10то издание на КИНЕНОВА 25, ќе го прикажеме македонскиот филм ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот, ќе игра српскиот филм ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ, на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на КИНЕНОВА 25, за НАЈДОБРО СЦЕНАРИО и НАЈДОБРА РЕЖИЈА, филм каков не сте погледнале. Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, кои поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што се може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат?
Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси.
Уникатен филм по многу нешта.
Целата програма е на линкот

