Култура
Денови на современиот мексикански филм од 21 до 25 јуни
Во Кинотеката од 21 до 25 јуни ќе се одржат деновите на современиот мексикански филм. Станува збор за филмови од поновата мексиканска продукција. Програмата се реализира со поддршка на Амбасадата на Мексико во Белград, во соработка со Кинотеката.
Влезот за проекциите е бесплатен. Повеќе инфо за филмовите на kinoteka.mk.
21 јуни (петок) 20 часот
НЕ Е ВИНОВНО ДЕТЕТО
(¿Qué culpa tiene el niño?)
Игран филм, Мексико
2016, 105 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Густаво Лоза (Gustavo Loza)
Улоги: Карла Соуза, Рикардо Абарка, Басини Сегура (Karla Souza, Ricardo Abarca, Biassini Segura)
Мару е успешна девојка која неодамна била оставена од момчето со кое била во долга врска, а за кое таа сметала дека еден ден ќе се омажи. По една пијана вечер, на свадбата на својата пријателка Мару ќе остане бремена и ќе мора да се сети со кого била таа ноќ.
Со помош на пријателките таа дознава дека татко на нејзиното дете е едно неискуно и невработено 19-годишно момче. Ќе бидат принудени да стапат во брак под присила на традицијата и стереотипите.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
22 јуни (сабота) 20 часот
ПОЧЕТОКОТ НА ВРЕМЕТО
(El Comienzo del Tiempo?)
Игран филм, Мексико
2014, 110 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Бернардо Арелано (Bernardo Arellano)
Улоги: Aнтонио Перез Карбахал, Берта Оливиа Рамирез, Франческо Бареиро (Antonio Pérez Carbajal, Bertha Olivia Ramírez, Francisco Barreiro)
Антонио и Берта се постара двојка во деведесеттите години од својот живот, кои ќе се најдат во неволја кога нивните пензиите ќе им бидат сопрени поради социјалната и финансиската криза во земјата. Со оглед на тоа што долго време не ги виделе своите две деца, тие ќе се соочат со преживување во тешките услови на суровата реалност, и тоа преку продажба на своите лични предмети и ситниот криминал. Животот на постарата двојка се менува кога синот Хонас и внукот Пако, по десет години, неочекувано ќе се појават во нивниот живот.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
23 јуни (недела) 20 часот
ГЕНЕРАЦИЈА СПИЛБЕРГ
(Generación Spielberg)
Игран филм, Мексико
2013, 110 мин., колор, ДЦП
Режија и сценарио: Хибран Базан (Gibrán Bazán)
Улоги: Бруно Бишир, Силвија Карусиљо, Софи Гомез, Алехандро Дуран (Bruno Bichir, Silvia Carusillo, Sophie Gómez, Alejandro Durán)
Пет поврзани приказни. Љубовници ќе се обидат да останат 24 часа во постелата обидувајќи се да личат на Јоко Оно и Џон Ленон. Една девојка е заглавена во лифт во една зграда заедно со еден поштар и сметководител. Група писатели инхалираат „мескалин“ во едно комбе и се враќаат во времето. Психоаналитичар се заклучува себеси во бањата во обид да изврши самоубиство. Една директорка и мајка се заклучува во шпајзот во својата фирма. Сите тие се поврзани меѓу себе и комуницираат преку нивните мобилни телефони.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
24 јуни (понеделник) 20 часот
КОГА ЌЕ СЕ ВРАТАТ ДЕЦАТА
(Cuando los Hijos regresan)
Игран филм, Мексико
2017, 100 мин., колор, ДЦП
Режија: Хуго Лара (Hugo Lara)
Сценарио: Клаудија Гонзалес-Рубио, Хуго Лара (Claudia González-Rubio, Hugo Lara)
Улоги: Фернандо Лухан, Кармен Маура, Сесилија Суарез, Ирене Азуела, Франциско де ла Регера (Fernando Luján, Carmen Maura, Cecilia Suárez, Irene Azuela, Francisco de la Reguera)
Пензионерска двојка ќе мора да си го одбрани домот против заканата од враќањето на нивните деца.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
25 јуни (вторник) 20 часот
ТОВАР
(La Carga)
Игран филм, Мексико
2016, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Алан Хонсон (Alan Jonsson)
Сценарио: Алан Хонсон, Артуро Руиз Серано (Alan Jonsson, Arturo Ruiz Serrano)
Улоги: Марија Валверде, Хорасио Гарсија-Рохас, Ерик Францес, Герардо Тарацена, Еусебио Лазаро (María Valverde, Horacio García-Rojas, Eric Francés, Gerardo Taracena, Eusebio Lázaro)
Доцен шеснаесетти век. Еден Индијанец од племето Тамеме и благородничка бегаат низ шумите на новиот свет барајќи ја својата слобода. Нивното избезумено патување ќе ја ублажи тензијата меѓу нив и ќе ги надмине разликите, а тоа ќе прерасне во интимна врска што ќе го загрози нивниот опстанок.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

