Култура
Денот на младата публика ќе се одржи во виртуелен формат

Одржувањето на паневропскиот настан Ден на младата публика, во кој нашата земја зема учество веќе шеста година по ред, овој пат ќе се одвива во виртуелен формат.
Поради глобалната пандемија на Ковид-19, Европската филмска академија, која е организатор на настанот, извести дека, за жал, мора да се откажат сите кинопроекции што беа планирани да се одржат во 40 европски земји на 26 април.
„Денот на младата публика оваа година ќе се одржи во потполно виртуелен формат и на овој начин на младата публика од Европа повторно ќе ѝ се овозможи гледање одлични филмски остварувања. Иако со ништо не може да се спореди искуството на гледање филм во киносала во друштво на други љубители на филмската уметност, во оваа ситуација најважно е да се спречи ширењето на вирусот“, порача Европската филмска академија.
На 26 април 100-ина деца на возраст од 12 до 14 години од неколку основни училишта од Скопје, заедно со своите врсници од другите европски земји, ќе се приклучат онлајн од своите домови за да ги проследат 3-те номинирани европски филма наменети за младата публика. На овој начин тие ќе бидат дел од меѓународното жири, кое ќе одлучи кој филм ќе ја понесе наградата од младата публика (EFA Young Audeience Award), која е официјална категорија во рамките на Европските филмски награди во организација на Европската филмска академија.
Во трката за најдобар европски филм наменет за младата публика овој пат се филмовите: MY BROTHER CHASES DINOSAURS во режија на Стефано Чипани (Италија/Шпанија), MY EXTRAORDINARY SUMMER WITH TESS во режија на Стивен Вутерлод (Холандија/Германија), ROCCA CHANGES THE WORLD во режија на Катја Бенрад (Германија).
Покрај проследувањето на филмовите и гласањето за најдобар европски филм, преку live stream младите од 40 европски земји ќе имаат можност да комуницираат меѓу себе, но и да им поставуваат прашања на режисерите на филмовите.
Овој паневропски настан, чиј официјален домаќин е градот Ерфурт во Германија, е креиран во насока на размена на мислења на младите во Европа, поттикнување на нивната мултикултурна комуникација, запознавање и прифаќање на различностите, како и подигнување на свеста за суштествени општествено-социјални прашања во европски рамки. Овој настан низ филмскиот ракурс на младата публика ѝ овозможува да дознае повеќе за земјите во Европа, националностите, како и нивната култура и традиција.
Организатор на настанот во Скопје е Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, која во соработка со Град Скопје учествуваат во оваа иницијатива од 2015 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска утре во Венеција ја отвора програмата „Хоризонти“

Денес, 26 август 2025 година, се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза во Скопје. Веќе утре, 27 август, токму во пресрет на овој значаен јубилеј, на 81. меѓународен филмски фестивал во Венеција, ќе се одржи светската премиера на филмот „Мајка“ (Mother) на Теона Стругар-Митевска.
Филмот ќе ја има честа да ја отвори престижната програма „Хоризонти“ (Orizzonti) на фестивалот, која е посветена на најновите авторски и уметнички тенденции во светската кинематографија.
„Мајка“ е инспириран од животот на Мајка Тереза прикажувајќи ја Колката во 1948 година во моментот кога таа ја носи клучната одлука да го напушти манастирот и да им се посвети на сиромашните.
Филмот е копродукција на Северна Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.
Официјалната премиера ќе се одржи на 27 август во 16 часот во Sala Darsena во рамките на фестивалот во Венеција.
Култура
Австралиска премиера за „Јон Вардар против галаксијата“ во срцето на Сиднеј

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, ќе ја има својата австралиска премиера на Sydney Science Fiction Film Festival – најголемиот филмски фестивал во Австралија посветен на научната фантастика.
Шестото издание на фестивалот ќе се одржи од 3 до 5 октомври во центарот на Сиднеј во престижниот комплекс Event Cinemas George Street. Филмот на Цветановски е во трка за наградата Рон Коб за најдобар игран филм – именувана по легендарниот концептуален уметник Рон Коб (Ron Cobb), кој остави траен белег во светската кинематографија со својата работа на филмски класици како Осмиот патник, Војна на Sвездите и Враќање во иднината.
„Фантастиката за мене отсекогаш била средство да зборувам за реалноста. Среќен сум што австралиската публика и македонската дијаспора ќе имаат можност да го проследат филмот на големото платно. “ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Сценариото на филмот го потпишува Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Култура
Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата

Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на Струшките вечери на поезијата.
Одлуката ја донесе тричлена жири-комисија во состав: Стефан Костоски (претседател), Никола Ѓелинчески (член) и Пепи Стамков (член).
„Песната „Студ“ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Сликите на месечини што висат од прстите, напукнати коски и облаци над планините ја претвораат природата во огледало на внатрешниот свет. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на оваа песна има мешавина од спротивности: тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина. „Белите океани“ симболизираат и минато и иднина, а последната слика – студот на друго лице што студи на своето – ја нагласува блискоста и оддалеченоста што постојат истовремено. Лирична и искрена, песната ја носи борбата со сопствената тежина, но и потрагата по светлина и возвишеност“, стои во одлуката на жири-комисијата.
64-тите Струшки вечери на поезијата завршија синоќа со меѓународниот поетски митинг „Мостови“ и врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка , „Браќа Миладиновци“ на македонската поетеса Јулија Величковска и „Мостови на Струга“ на поетот Матеуш Шимчик од Полска.