Култура
Дијана Имери во Тбилиси: „Бев првата жена што диригира со тој оркестар“
Аплаузи, стоечки овации и позитивни коментари доживеа македонската диригентка, маестро Дијана Имери-Илкоска, по концертот што на 6 ноември се одржа во преполната сала на Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“ во Тбилиси, Грузија.
Имери-Илкоска диригира со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“, а во Грузија отпатува на специјална покана од престижниот Камерен фестивал на Тбилиси, еден од најзначајните настани за љубителите на класичната музика.
Заедно со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“ и Имери-Илкоска како солисти настапија тројцата пијанисти, кои зад себе имаат завидна кариера: Давид Аладашвили (Грузија), Маријана Ахба (Грузија/Франција) и Луис Швицгебел Ванг (Швајцарија), а на програмата беа изведени делата: уверирата од „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, Концертот за две пијана од Моцарт, како и Концертот за две пијана од Франсис Пуланк.
„Сѐ уште ме држат позитивните впечатоци од настанот и од целата соработка со престижниот оркестар“, вели Имери-Илкоска.
„Оваа покана за мене лично беше огромна чест, но на некој начин претставува и историски чин затоа што бев првата жена што диригира со тој оркестар. Но, и воопшто првата жена во таа концертна сала, каде што има настапувано и славниот Сергеј Рахманинов“, рече таа.
Додава и дека навистина посебно се чувствувала во салата во која се одржувале пробите – „Палата на младоста“, местото каде што е потпишан Уставот на Грузија.
„И таму бев првата жена што застанала со оркестар како диригент. Всушност, огромна чест беше за мене и фактот што се работи за оркестар со огромни квалитети. Остваривме навистина прекрасна соработка, пробите течеа во креативна работна атмосфера и на крајот резултираа со многу успешен концерт за кој зборуваше целата грузиска јавност. Но, и самиот факт што салата беше распродадена до последното седиште. Плодна и успешна соработка остварив и со солистите што беа на ниво на задачата и сето ова резултира со разговори за идни концертни проекти во Европа“, вели Имери-Илкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.