Култура
Доделена Нобеловата награда за литература
Нобеловата награда за литература денес му беше доделена на Ласло Краснахоркаи, објави Кралската шведска академија на науките.
Нобеловата награда за литература се доделува на писател од која било земја кој, според зборовите на тестаментот на Алфред Нобел, создал „најдобро дело со идеалистички тенденции во областа на литературата“.
Унгарскиот писател Ласло Краснахоркаи е прогласен за 121-ви добитник на најпрестижната награда во светот во областа на литературата, беше објавено на денешната прес-конференција, што ја одржа секретарот на Шведската академија.
Нобеловата награда за литература е основана во 1901 година, а првиот лауреат е француската писателка Селин Придро. Оттогаш, оваа престижна награда е доделена на вкупно 121 автор, вклучувајќи 103 мажи и 18 жени.
Најмладиот добитник беше британскиот автор Џозеф Радјард Киплинг, кој ја доби наградата во 1907 година на 41-годишна возраст. Најстарата добитничка беше Дорис Лесинг, која имаше 88 години кога ја доби наградата во 2007 година.
Франција се издвојува како земја со најголем број добитници на Нобелова награда за литература – 16 автори од оваа земја ја освоиле престижната награда. Германија е следна со 14 добитници, додека најзастапени автори се оние кои пишуваат на англиски јазик – вкупно 29. Во историјата на наградата, само двајца писатели одбиле да ја примат: Борис Пастернак (1958) и Жан-Пол Сартр (1964).
Во 2023 година, наградата ја освои јужнокорејскиот автор Хан Канг, додека претходната година лауреат беше норвешкиот автор Јун Фосе.
Добитникот на Нобеловата награда за литература, покрај златниот медал, добива и парична награда од 11 милиони шведски круни, што е нешто повеќе од еден милион долари. Оваа година, честа и износот гордо ги носеше Ласло Краснахоркаи.
Краснахоркаи, кој има 71 година, е познат по романите со силно изразени филозофски и дистописки теми, како што се „Сатантанго“ и „Меланхолијата на отпорот“. Тој веќе е награден со меѓународни награди, вклучувајќи ја Меѓународната награда Букер (2015) и Националната награда на САД за преведена литература (2019).
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.
Култура
Македонскиот филм „17“ на Берлинскиот филмски фестивал
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на овогодинешниот 76-ти Берлински Филмски Фестивал.
Ова беше денес соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови, на светско ниво.
Во Берлинале Перспективи, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал
Култура
Изложба на фотографии и проекција на документарен филм „Старата скопска чаршија: визии за иднината”
Францускиот институт во Скопје со најава за изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзаланата сала.
Проектот имаше за цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство, нагласува организаторот.
Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници – по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура – во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Свеченото отворање ќе се одржи во четврток, 22 јануари 2026 година, во 19:00 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Настанот ќе го отворат: Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција и Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
По повод одбележувањето на Елисејскиот договор, Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Во рамките на настанот, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот.

