Култура
Доделени наградите на „Киненова“: „Љубовен автомобил“ – најдобар филм
Во Кинотека синоќа беа доделени наградите на годинашното издание на филмскиот фестивал „Киненова“.
Тричленото жири во состав Витали Мански, претседател, Јесин Устаоглу и Ана Хофман, кои одлучуваа за наградите во главната конкуренција, ги соопштија добитниците на наградата за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и специјална награда за најдобра актерка.
За најдобар филм беше прогласен „Љубовен автомобил“, Германија/2019/106’. Сценарио и режија: Елкe Маргарете Леренкраус (Elke Margarete Lehrenkrauss), кинематографер: Криштоф Роршајд (Christoph Rohrscheidt).
Додека се враќала со автомобил кон дома некаде на северот на рурална Германија, авторката на филмов крај патот ги гледала старите каравани украсени со кичести светла во кои се практикува најстариот занает на светот тука, крај автопатот. Гротескната слика авторката не можела никако да ја извади од главата и решила да им даде глас на жените кои усреќиле многумина во ноќите исполнети со блуд и разврат. Проститутки од Источна Европа и Африка се обидуваат да преживеат во суровиот свет во кој секоја од нив има своја причина и приказна, сè додека една од нив не биде брутално убиена. Ова е филм за микрокосмосот кој го опишува општеството пред самиот завршеток на глобализираниот капитализам.
Елкe Маргарете Леренкраус (1979) е филмаџика и визуелен уметник од Берлин. Во 2002 година дипломирала на Академијата за уметности во Келн, а веќе следната година добива и диплома за видеоарт на Универзитетот за уметност и дизајн во Луцерн. Нејзините филмови и уметнички дела се прикажувани на многу фестивали и изложувани во музеи ширум светот и неретко се наградувани. „Љубовен автомобил“ е нејзино дебитантско целовечерно остварување.
Наградата за најдобра режија му припадна на Бабис Макридис за филмот „Сожалување“. Сценарио: Ефтимис Филипу (Efthymis Filippou), Бабис Макридис (Babis Makridis).
Ова е симпатична приказна за еден човек кој е среќен единствено кога не е среќен, човек зависен од тагата и страдањето, кој има болна потреба од сожалување, па затоа е подготвен истото да го добие од луѓето на секаков можен начин. Секако, истата ќе почне да ви се одмотува во главата дури по гледањето на филмот.
„Ова е приказна за човек во свет кој не е доволно суров кон него“ со право гласи слоганот на филмот кој е уште еден бисер во надоаѓачкиот „чуден бран“ на грчката кинематографија, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, авторот на „лудите“ филмови на Јоргос Лантимос, кои постигнаа завиден интернационален успех во изминатиот период.
Бабис Макридис (Babis Makridis, 1970) својот филмски занает го печеше како асистент-режисер во многу грчки кратки и целовечерни остварувања, за последниве години да сними два значајни филма со кои ја збогати домашната кинематографија. Со „Л“ од 2012 го навести својот талент и склоност кон црниот хумор, учествувајќи на многу угледни светски фестивали како Санденс, Ротердам, Бомбај… за со неколкуте награди за „Сожалување“ веќе да се етаблира како филмски автор.
Рускиот филм „Човекот кој ги изненади сите“ /2018/105’ ја доби наградата за најдобро сценарио. Сценарио и режија: Алексеј Чупов (Aleksey Chupov), Наталија Меркулова (Natalya Merkulova)
Егор е бестрашен човек на сибирската тајга. Тој е семеен човек почитуван од заедницата, кој очекува второ дете со саканата сопруга. Откако ќе му биде дијагностициран рак, тој ќе се обиде да ја измами смртта земајќи сосема нов идентитет. Околината со тешкотии го прифаќа новиот Егор. Ова е уште едно моќно дело од новото руско кино, кое на суптилен начин си поигрува со темата „идентитет“, подарувајќи ѝ на публиката неверојатни изненадувања, поради што досега собра дури 19 фестивалски награди низ светот.
Наталија Меркулова (1979) и Алексеј Чупов (1973) се сопружници кои со години работат заедно и претставуваат неверојатен креативен филмски двоец. Нивните кратки и документарни остварувања со широки раце се пречекувани од фестиваслките селектори, а нивниот прв целовечерен филм „Интимни делови“ (Inimate parts, 2013) доби триесетина награди на фестивалите во Русија и низ светот. На истиот пат се тргнати и со новиот филм, премиерно прикажан на Венециската Мостра.
Жирито донесе одлука специјална награда за најдобра улога да ѝ додели на актерката Снежана Богдановиќ, за улогата во филмот „Шевови“.
Уште во поранешна Југославија, но и во денешна Србија, јавна тајна е дека одредена бројка новороденчиња добива нови адреси на живеење, а на родителите им се соопштува дека бебето, за жал, само што се родило, веќе заминало на оној свет. Ана и по 20 години не може да се помири со приказната која и’ била сервирана и на секаков начин се обидува да ја дознае вистината. Комбинирајќи ги жанровите „трилер“ и „драма“, овој српски филм влегува длабоко во сензибилната тема чија емотивна нишка нема да ве остави рамнодушни.
Во конкуренција на кратки филмови, наградата за најдобар меѓународен краток филм ја доби „Капетанот“, за најдобар македонски краток филм „Готлиб“, а специјална награда добија „Мојата сестра“ и „Змијулче“.
Фестивалската програма продолжува со „Фокус кон современата унгарска кинематографија“ во која од денеска до 13 октомври ќе бидат прикажани филмовите „За тело и душа“ и „Мојот 20 век“, сценарио и режија: Илдико Ењеди и „Нежен син: Проектот Франкештајн“ и „Јупитеровата месечина“, сценарио и режија: Корнел Мундручо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

