Култура
Доделување на „Златниот објектив“ на Спасе Тасевски и Коле Манев
В среда, во 12:00 часот, во дворот на кинотечното летно кино „Мирно лето“, на режисерот Коле Манев и на монтажерот Спасе Тасевски ќе им бидат врачени годинешните „Златни објективи“ – признанија кои Кинотеката на РС Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден. Манев и Тасевски ќе добијат пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.
По повод својот роденден, односно датумот на донесување на Законот за основање на Кинотеката на Македонија – 29 април, 1974 година – оваа институција го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
„Златниот објектив“ се доделува од 2006 година, а досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Мето Петровски, актерот и режисер Коле Ангеловски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Спасе Тасевски (1945), како и повеќто филмаџии, негови современици и колеги, работел паралелно и на телевизиски и на филмски проекти. Од 1965 влегува во студијата на РТВ Скопје (МРТВ), прво како асистент-монтажер, а потоа самостојно, како монтажер на телевизиската програма. Истовремено работи и на филмски проекти, на играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови ИСТРЕЛ (1972), ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА, 1973), ЈАД (1975), ПРЕСУДА (1977), ОЛОВНА БРИГАДА (1980), СВЕТЛО СИВО (сегментот ПТИЦАТА УРУБУ И ДЕВИЦА, 1993), кратките, документарни и анимирани филмови ВИРОВО (1968), ШЕСТИОТ ИГРАЧ (1976), ПЕЦКО – ЕДЕН ДЕН ЖИВОТ (1983), ПЕЦКО – НАФТЕН ДЕРИВАТ (1983), како и бројни телевизиски проекти.
Коле Манев (1941), иако поголемиот свој работен век го има поминато како слободен уметник – тој спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари – повеќе години работеше и на телевизиски и филмски проекти (Радио-телевизија Скопје и Вардар филм), како режисер, сценарист и автор на документарните БАСКАРСКИТЕ ИЗВОРИ (1972), ТУЛГЕШ (1977) и ЦРНО ВО ЦРНО (1986), на телевизискиот долгометражен филм МОСТ (2006), и други. Студирал на ликовната академија во Белград, а усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага. Во 2006 година беше претседател на ДЛУМ и е автор на голем број текстови и колумни поврзано со културните политики и општествени случувања.
Настанот ќе се одржи со целосно почитување на препораките за заштита од Ковид-19.
Доколку временските прилики не дозволат истиот да се одржи во летното кино, целиот настан ќе се одвива во холот на Кинотеката, на ул. Никола Русински бр. 1, во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

