Култура
Драган Маринковиќ-Маца во Скопје и во Битола со хит-комедијата „Каква ти е жената, таков ти е животот“

Познатиот комичар Драган Маринковиќ-Маца доаѓа во Македонија со својата хит-претстава „Каква ти е жената, таков ти е животот“, и тоа во Скопје на 27 мај во Филхармонија и во Битола на 28 мај во Домот на културата.
Претставата што го освои регионот досега ја имаат гледано повеќе од 40.000 луѓе, а Маца вели дека е среќен што ќе се дружи и со македонската публика. Билетите се продаваат на касата на Филхармонијата и онлајн преку Mktikets.mk, а веќе следната недела почнува и продажбата на билетите за претставата во Битола.
Во приказната на претставата, Драган Маринковиќ-Маца го претставува бракот на посебен начин, кој никого не остава рамнодушен, а со шегите за односот помеѓу мажот и жената и вечните прашања на оваа тема насмеа многубројна публика. Актерот уште еднаш покажа зошто е препознатлив како еден од омилените комичари на овие простори.
„Морам да кажам дека секоја претстава што ја играм во разни градови во регионот помина, можеби не е скромно да се каже, совршено. Коментарите и реакциите на публиката се секогаш одлични, над моите очекувања. Знаев дека претставата е добар, но дека е толку добра, ме изненади. Зборувам за тема што нè засега сите, таа е проткаена со мноштво емоции, независно што во одреден момент ја доведува и публиката до солзи. Приказната е за машко-женските односи од сите агли, ја отсликува нивната реалност, но и времето во кое живееме“, вели авторот на претставата и актер во неа, Драган Маринковиќ-Маца.
Претставата „Каква ти е жената, таков ти е животот“ ќе ве натера добро да размислите за себеси и за светот околу вас бидејќи сме генерации што не сакаат врска. Со поучната порака дека љубовта е смислата на животот, Маца на свој начин ја доближува оваа симпатична претстава до публиката прикажувајќи човек, кој, веднаш по разводот, сопругата го избркала од дома и отишол во кафеана, каде што почнал да си го преиспитува својот живот. Наспроти сè, додека ги прелистуваме апликациите со надеж дека ќе ја најдеме вистинската личност, посакуваме нашата сродна душа да ја нарачаме преку интернет додека читаме „Пет начини да дознаете дали му се допаѓаш“ и „Седум начини како да ја освоиш“ мислејќи дека можеме да ја програмираме и личност за врска како и онлајн-проектот, доаѓаме и до сознанието дека ние сме тие што на крајот не сакаме врска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Второ издание на „ХАЈ-ФАЈ“ филмски викенд

Oд 30 мај до 1 јуни, студентите од Факултетот за драмски уметности го организираат второто издание на студентскиот филмски фестивал „ХАЈ-ФАЈ“.
„ХАЈ-ФАЈ“ е меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти. Истата служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци.
Програмата за второто издание ќе започне на Академска сцена со „Meet the new kids“, настан посветен на запознавање со новата генерација филмаџии од Факултетот за драмски уметности.
Понатаму фестивалот ќе биде официјално отворен со настан кино на отворено – проекција на култниот филм „ХАЈ-ФАЈ“ во режија на Владимир Блажевски на паркингот помеѓу ФДУ и Машински/Електро факултет.
Официјалната филмска програма е распределена за сабота и недела (31 мај и 1 јуни) на Академска сцена. Истата брои седум студентски кратки филмови, од кои два македонски и останатите на колеги од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. По проекциите ќе следува разговор со авторите и македонскиот писател и филмски критичар Златко Ѓелески.
Годинава се доделуваат две награди – една од жири комисија (Сашко Потер Мицевски, Радован Петровиќ и Сашо Кокаланов) и една од „Синедејс“ фестивалот на европски филм (селекција на победник кој ќе влезе во селекцијата на Синедејс 2025).
Во склоп на едукативната програма на „ХАЈ-ФАЈ“ закажани се две предавања – „Casting 101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска, каде студентите ќе имаат шанса да се запознаат со кастинг процесот од блиску. И предавање на тема „Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески.
За крај, закажана е и музичка ОФФ програма каде ќе настапи триото TURBO XXX CLUB во петок и Александар Гроздановски – HERZEL во сабота. Музичката програма ќе се случи во бифето на Факултетот за драмски уметности.
Влезот за сите настани е слободен. Целосната програма и распоред се достапни на социјалните мрежи на ХАЈ-ФАЈ и Академска сцена. ХАЈ-ФАЈ е поддржан од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Факултетот за драмски уметности, Младински културен центар – Скопје, Кинотека на Македонија, Машински факултет и ФЕИТ.
Култура
Отворање на Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ на 3 јуни

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ свечено ќе биде отворен на 3 јуни во 20:30 часот во Музејот на современа уметност со изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“ – голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години.
Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.
Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.
Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување. Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија.
На 4 јуни во КСП Јадро, со почеток во 19:00 часот, програмата продолжува со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“, кој отвора простор за теоретска, поетска и политичка дискусија. На симпозиумот ќе учествуваат автори, уметници и истражувачи од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија – Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК – кои ќе зборуваат за историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам. Симпозиумот ги поврзува уметноста, поезијата, порнографијата и политиката, со цел да се артикулираат радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.
Култура
Прогласени победниците на 15. Филозофски филмски фестивал, „Шамбала“ избран за најдобар долгометражен филм

Вчера вечер се затвори 15. јубилејно издание на Филозофскиот филмски фестивал со проекција на Селекцијата на видеоесеи (селектор м-р Ивана Мирчевска) и „Витгенштајн“ од Дерек Џарман.
Пред филмот во чест на поранешниот Заменик шеф на мисија и Аташе за култура на Кралството Шпанија во Скопје (2020-2023), Ернесто Ередеро дел Кампо (1977-2024), постхумно беше прикажано видео од неговото излагање од Втората интернационална конференција „Филозофија и филм (2023), „Витгенштајн и филмот“.
Вечерта беа прогласени наградените филмови од страна на публиката и жири комисијата, во состав: Хасан Сердар Гергерлиоглу, соработник на списанието „Синефилософи“ од Турција; Кумјана Новакова, македонска филмска авторка, кураторка и предавчака; и д-р Мартин Ередеро Кампо од Универзитетот Ваљадолид во Шпанија.
Наградата „Златен був“ од жирито ја доби непалскиот филм „Шамбала“ во режија на непалскиот режисер Мин Бахадур Бхам. Жирито, истакнувајќи го уметничкиот интегритет, емоционалната длабочина и кохерентната визија, истакна дека „преку тишина, ритуал и пејзаж, Шамбала нè повикува да се соочиме со непостојаноста, одговорноста и природата на откупувањето.
Филмот вткајува длабока човечка нарација со впечатлива визуелна композиција, транспонирајќи нè во едно оддалечено подрачје, а истовремено втемелувајќи ја приказната во универзално препознатливи теми како тагата, искупувањето и внатрешниот мир.“
Плакетата „Златен був“ според гласовите на публиката отиде во рацете на канадскиот режисер Метју Ренкин и неговиот „Универзален јазик“.
За најдобар краткометражен филм, наградата „Златен був“, жирито се одлучи да ја додели на „Горчлива трпеза“ од режисерот Хорхе Тиелен Арманд. Филмот „едноставното пакетче тестенини го претвора во длабок симбол на преживување и жртва. Она што Горчлива трпеза го прави навистина извонреден филм е неговата способност да го надмине конкретниот контекст (колапсот на Венецуела) и да проговори за глобалните кризи на миграцијата и сиромаштијата.“
Во своето обраќање по повод добиената плакета „Златен був“ од публиката, режисерката на „Барајќи рече заборавив“, Наоми Пасифик изјави дека е благодарна на публиката што го избрала нејзиниот филм токму затоа што темите што ги одработува филмот се базирани на теоретичарите и филозофите кои ги читала во нејзините дваесетти години.
Жирито одлучи Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ да го додели на „Возвишени врвови“ од Диего Салгадо поради посебниот начин на кој филмот ја обработува темата на младоста – експлицитно и алегориски. Режисерот во својата изјава на благодарност порача дека „ова признание има особено значење во времиња како нашево – кога политичките и моралните превирања често оставаат малку простор за тивка рефлексија“.
Добитникот на ова признание, покрај плакетата ќе добие и подарок уметничка слика од уметницата Соња Чингарова-Фотева.
Вечерта ја модерираше главниот координатор на фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски кој се осврна и на иднината на фестивалот, посочувајќи: „И после 15 години – Што? Што ќе следи? Не знаеме ниту ние, но сме сигурни дека сега заокружуваме една целина, еден циклус од работа цела една деценија и половина, а од следната година можеби исто, можеби поинаку. А тоа зависи и од нас и од сите околу нас, од вас.“
Инаку, овогодинешното издание на Фестивалот се одржа под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен“ од 22 до 28 мај во Кинотеката на Македонија, во организација на Филозофското друштво на Македонија, и во соработка со Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ, а со институционална поддршка на Агенцијата за филм.