Култура
Заврши 12. Културно – забавно лето „На зајдисонце“ во Трпејца
Со изложбата на портрети „Беше еднаш Холивуд“ од познатиот охридскиот сликар, фотограф и филмофил Ѓоко Симјаноски синоќа во Трпејца беше затворено 12. Издание на манифестацијата „На зајдисонце“.
Публиката покажа интерес за портретите на 32 омилени актери ( по 16 машки и женски ) , ѕвезди од минатиот век од златното време на Холивуд чии филмски улоги се паметат и денес.
Тоа се нови портрети кои Симјаноски ги изработил во техниката графика со молив и значат враќање на неговите почетоци во уметноста од времето на средното училиште.
-Изложбата е резултат на големата љубов што ја имам кон филмот,а како круна на она што се занимавам со сликарството, па споив една целина. По изложбата во Охрид, среќен сум што портретите на редица филмски легенди, како на пример: Џон Вејн и Мерлин Монро стигнаа и пред публиката во Трпејца, рече Симјаноски.
Паралено со изложбата публиката уживаше и во музичките парчиња од култните филмови: „Продавачка на темјанушки“, „Казабланка“, „Рио Браво“, „Некои тоа го сакаат жешко“ и „ Однесено од виорот“.
Синоќа беа доделени и наградите за најдобри фотографии од конкурсот „Трпејца низ објективот на туристите“. Наградени се Марјан Ангеловски и Весна Константинова од Скопје.
Угостителот Марјан Митрески – Мац, член на Здружението – организатор на летото ги покажа и своите актерски афинитети сврзани со слатките маки на трпејчани среде сезоната.
Во овој завршен преглед на културното лето во Трпејца потсетуваме дека во понеделникот на 24 јули публиката имаше убава журка со бендот 3.0 ( три промили ).
Следниот ден беше резервиран за традиционалната Кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање.
Во вторникот вечерта се одржа прошетката „Со кајче по езерото“.
Посебно атрактивна за гостите и мештаните беше трката со куфери по скалинадата во Трпејца и интересната видео презентација „Пчелите ќе го спасат светот“ од Петар Стојаноски од фирмата „Органски природен мед“ од Трпејца.
Претпоследната вечер од културното лето во Трпејца беше резервирана за Драмското студио „Цвет 75 “ од Охрид под раководство на Драгана Боцевска. Младите актери на радост на бројната публика маестрално ја одиграа претставата „Пепелашка од Охрид“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

