Култура
Заврши 6. издание на фестивалот „Про-за Балкан“
Многу ми е жал што не сум во можност овие редови, кои најверојатно ќе беа поинакви ако бев на „самото место“, да ги прочитам лично, но низа околности во последен час ме спречија да дојдам во Скопје, на што се радував, помалку поради наградата, а многу повеќе поради средбите со моите тукашни пријатели и колеги по перо, кои, за жал, ги пропуштив, напиша добитникот на наградата „Прозарт“, Светислав Басара, во својот говор по повод доделувањето на наградата.
Со силни мисли за убавината, синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје беше затворено 6. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“.
„Многу работи влегоа во апсурдна фаза во овој свет кој повторно се враќа на сликовното писмо“, посочи Басара, кому наградата ќе му биде врачена во Белград, веднаш по заздравувањето.
Кус осврт за неговиот опус даде уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев. Модераторката Ана Јовковска прочита извадок од култниот роман на Басара, „Фама за велосипедистите“.
„Тоа што го издвојува Басара од сите претходни добитници на ‘Прозарт’ е што тој е најплоден. На свои 27 години кога излезе ‘Фама на велосипедисти’, Басара веќе имаше два романа. Тој роман е сложено диво дело. Тоа не беше само дело на новиот бран, ами нешто многу индивидуално што во српската богата книжевност го немаше. Басара е нескротлив автор и му посакуваме таков и да остане“, истакна Прокопиев.
Секој од авторите гости на фестивалот прочита извадоци од свое дело на јазикот на кој твори. Писателите Лејла Каламујиќ, Ајфер Тунч, Фросина Пармаковска, Роберт Перишиќ, Јуриј Хулодин имаа можност да се дружат во изминатите три дена.
„Сите знаеме дека Достоевски рекол дека убавината ќе го спаси светот. Некои од нас знаат дека Блаже Конески рекол, односно испеал – ‘Убавино, ти ме заморуваш веќе!’ А јас баш би сакал да беше можно да присуствувам на разговор на нив двајца на оваа тема. А којзнае, можеби сите ние го водевме тој разговор овие неколку дена. За тоа им благодарам на гостите и на тимот на ‘Про-за Балкан’“, истакна директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Битолскиот диригент Владимир Димовски гостува во Ниш
Битолскиот диригент Владимир Димовски ќе гостува во Ниш, каде ќе диригира со Нишкиот камерен оркестар на концерт посветен на творештвото на Антонио Вивалди. На програмата е „Четирите годишни времиња“, едно од најзначајните и најизведувани дела од барокниот репертоар. Концертот ќе се одржи денеска во Офицерскиот Дом во Ниш со почеток од 19 часот.
Роден во 1984 година во Битола, Димовски своето музичко образование го започнува на отсек виола, а академската надоградба ја продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште за време на студиите се истакнува како водач на групата виоли, што претставува рана најава за неговата подоцнежна уметничка и диригентска определба. Во периодот од 2004 до 2025 година, Владимир Димовски е ангажиран во Македонска опера и балет како виолист и заменик-водач на групата виоли.
Владимир Димовски е основач на НУ Камерен оркестар на Битола, институција која по повеќегодишна негова уметничка и организациска посветеност, во декември 2023 година го доби статусот на национална установа, заедно со првите вработувања реализирани под негово водство. Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола како виолист, а повремено настапува и како диригент, активно учествувајќи во креирањето и реализацијата на концертните програми.
Со повеќе од 25 години искуство во диригирање и работа со различни камерни и симфониски оркестри, Димовски го гради својот диригентски израз не како формална дипломска определба, туку како резултат на лична желба, уметничка страст и континуирана практична работа на сцената, низ долгогодишно водење ансамбли и реализација на комплексни музички проекти.
Паралелно со институционалната работа, веќе 13 години тој е уметнички раководител и диригент на Оркестар DIVA (претходно Битолски Камерен Оркестар), независен ансамбл со јасно профилиран уметнички концепт, насочен кон спојување на класичната оркестарска традиција со современи, поп и рок музички проекти.
Како автор и диригент, Владимир Димовски стои зад бројни оригинални и препознатливи проекти, меѓу кои „Виена во Битола“, „Rock Symphony“, „James Bond Symphony“, „John Williams Symphony“, „Stars Symphony“, „Flowers Symphony“ и многу други. Овие проекти, чиј уметнички концепт и реализација се негово авторско дело, стекнаа значајна популарност и беа изведувани низ Македонија и регионот.
Покрај диригентството, Димовски е активен и како автор на аранжмани и оркестрации, со над 400 реализирани дела за камерни и симфониски состави.
Гостувањето во Ниш претставува уште една потврда за неговиот активен диригентски ангажман и за континуираната регионална уметничка соработка.

