Култура
Заев: „Танец“ е бренд што со својата мисија го негува и презентира македонското фолклорно творештво
Премиерот Зоран Заев ја посети Националната установа „Танец“ и имаше средба со директорот на ансамблот, Мартин Вучиќ, и со дел од вработените по повод годишнината од основањето.
„Оваа наша национална установа од посебен општествен интерес повеќе од 7 децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјата и надвор од неа. „Танец“ е бренд што ја освојува публиката каде и да настапи. Ја освојува со својата професионалност, со совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство“, истакна Заев.
Според директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ, пандемијата што во моментот владее ги погоди сите категории луѓе и институции, а меѓу најпогодените, поради природата на дејноста, се изведувачките уметности и настани.
„Таков е и нашиот ансамбл, кој е должен да ја негува македонската музичко-фолклорна традиција и сценски да ја претставува, но верувам дека набргу повторно ќе можеме да настапуваме и да ги презентираме уметничките достигнувања на ансамблот ‘Танец’ во неговиот полн сјај дома и во светот“, рече Вучиќ.
Заев рече дека е донесена одлука за нов објект како траен дом за „Танец“.
На денешен ден, пред 72 години, во 1949 година, со решение на Народното собрание на тогашната Народна Република Македонија е формирано друштво за собирање, негување и презентирање на македонското музичко-сценско творештво, кое стана светски препознатливо како ансамбл „Танец“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.
Култура
„Куќата на границата“, во режија на Андреј Цветановски, вечерва на МОТ
„Куќата на границата“ на Регионалниот театар од Нови Пазар е на репертоарот на вториот ден (20.11.2025) на МОТ, дело на Славомир Мрожек, во режија на нашиот Андреј Цветановски.
„Куќа на граница е приказна која зборува за една фамилија која сака само да живее мирно, и одеднаш во нејзиниот дом се појавуваат дипломати кои сакаат да нацртаат граница која поминува насред куќата. Звучи познато нели? Оваа фамилијарна драма зборува за одземање сé што имаат, сонуваат, зборуваат и замислуваат, се додека не останат без ништо. Низ оваа горка комедија ќе видите многу паралели со начинот на кој денешниот свет функционира“ – вели Цветановски.
Претставата е одлична илустрација за тоа до кој степен сме способни да се понижиме себеси, слепо почитувајќи ги бесмислените бирократски норми на „новиот“ свет, кој од нас треба да направи покондурени господа.
Како креативен македонски тим на претставата покрај режисерот се и Димитар Андоновски автор на музиката и Сергеј Светозарев на сценографијата.
Претставата ќе биде изведена на сцената 25 Мај, МКЦ во 20 часот.
А пред неа во 19 часот во холот на МКЦ ќе биде поставена уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ на архитектот и сценографот Костантин Трпеноски, која на границата помеѓу реалното и имигинарното нуди визуелно и сензорно доживување на просторот во холот на МКЦ. Настанот е воедно и ретроспективен поглед на неговите театарски сценографии „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и приказ на други негови актуелни сценски дизајни.

