Култура
Започнува Aлтернативното културно лето во Охрид: „Културолошка иницијатива 5 до 12“
Ова лето за прв пат Охрид ќе добие алтернативно културно лето, со идеја за подигнување на културата во летниот период, кога градот е најпосетен.
„Гостите од земјата и странство, но и охриѓани ќе имаат можност да уживаат во квалитетна програма, но и да видат какви млади и креативни луѓе има во овој град. Целата идеја дојде од помислата да се подигне културната свест кај граѓаните и да има што повеќе интеракција со туристите кои престојуваат во јули и август во Охрид, затоа и овој проект го нарековме „Културолошка иницијатива 5 до 12“. Подготвена е разновидна и богата програма, во која се вклучуваат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират итн. Секоја недела имаме подготвено барем по еден настан, почнувајќи од недела, 07.07.2019 година, кога е и свеченото отворање на манифестацијата“, информираат организаторите НАТГ „Аматер“ и Супер радио.
НАТГ „Аматер“ зад себе веќе ги има претставите: „Сите мои синови“, „Генетика на кучињата“, „Буре барут“, „Ти во седум бои“, седум години со ред учествуваат на Поетската ноќ во Велестово и други перформанси. Тука се и учества на фестивали и награди на Драмскиот Аматерски Фестивал во Кочани. Супер радио бележи полни 27. години успешна работа и веќе 9 години е најпопуларната локална радио станица во државата.
Свеченото отворање е закажано за вечерва, со почеток во 20:00 часот во кафе бар Shilla. Првата вечер се предвидени поетската вечер „Имам нешто да ти кажам“, како и акустична свирка со бендовите „Кукузел“, „Броз“ и „High4“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар ја почнува концертната сезона на 30 јануари
На 30 јануари, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија, Националниот џез оркестар ќе ја отвори концертната сезона со концерт насловен National Jazz Orchestra with String Ensemble.
На концертот, Националниот џез оркестар ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари на Националната опера и балет. Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, ќе бидат изведени авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески. Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта, како и Бојан Цветковиќ на пијано.
Како гостин на вечерта ќе настапи Георги Шарески — гитарист и композитор, чиј израз и музички сензибилитет природно се впишуваат во звучниот карактер на оваа концертна целина.
Со овој концерт, Националниот џез оркестар ја започнува новата концертна сезона, поканувајќи ја публиката на вечер во која музиката зборува сама за себе и нè носи надвор од секојдневниот ритам.
Билетите за концертот се достапни онлајн на платформата MKTickets, како и на нивните продажни места.
Култура
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ на сцената на МОБ на 28 јануари
Трагичната приказна за љубовта, страста, честа и одмаздата, раскажана преку операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, повторно ќе оживее на сцената на Националната опера и балет на 28 јануари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова оперско дело претставува едно од најзначајните остварувања на италијанскиот композитор Маскањи и останува еден од најизведуваните наслови на светските, како и на домашната оперска сцена.

Изведбата ќе биде под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари (Италија). Сценографијата е на Зоран Николовски, костимографијата на Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Благица Поп Томова во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков во улогата на Алфио, Александра Лазаровска Василевски како Лола и Марика Поповиќ во улогата на мајка Лучија, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер во кој човечките страсти и неминовната судбина се прикажани со директна драматичност и силна музичка моќ, оставајќи длабок впечаток кај публиката уште од својата премиера до денес.
Култура
Најдоброто од „Киненова“ од денеска во Кинотека
Вечерва (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма Најдоброто од „Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на изданијата претходно. Имаме два победника, филмови добитници на ГРАН ПРИ на МФФ КИНЕНОВА, првиот филм на победникот на последното издание на БЕРЛИНАЛЕТО, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни Палестински филмови и многу други сеуште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Од 18:00 часот, вечерва во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10то издание на КИНЕНОВА 25, ќе го прикажеме македонскиот филм ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот, ќе игра српскиот филм ПОМЕЃУ БОГОВИТЕ, на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на КИНЕНОВА 25, за НАЈДОБРО СЦЕНАРИО и НАЈДОБРА РЕЖИЈА, филм каков не сте погледнале. Автентична приказна заснована на траумите од големите бегалски бранови, кои поминуваат низ балканската рута, а каде во случајов попатна станица е Белград. Што се може да се случи на една жена која попатно го загубува својот брат?
Веројатно само рефлексија на нејзината драма и траума. Ќе можат ли таа и нејзиното најтесно семејство да продолжат по патот на потрагата по основна егзистенција или административниот лавиринт во Белград ќе ги зграпчи и ќе им ја долови заробеноста на еден западен општествен систем каков што е српскиот, каде човечките души се извршители на суровиот систем? Филм-ремек дело, направен во манир на најдобрите филмови од иранската школа. Ќе видите филм каде авганистански, ирански и балкански актери играат во манир на Иранската актерска школа. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на Фарси.
Уникатен филм по многу нешта.
Целата програма е на линкот

