Култура
„Златна рамка“ од 18 до 20 јуни во МКЦ: нови македонски филмови, презентации, трибини
Шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), ќе се одржи од 18 до 20 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.
Филмската ревија „Златна рамка“ претставува можност за публиката бесплатно да ги гледа македонските филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм. Филмската програма годинава содржи долгометражни, краткометражни и документарни остварувања.
Во рамките на долгометражната програма на 18 јуни, во 20.30 часот, ќе биде прикажан филмот „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова во продукција на „ДНФ продукција“, на 20 јуни е проекцијата на „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски со „Лист продукција“, како и филмот „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов со „Минд продукција“.

Краткометражната програма содржи девет филма, кои ќе бидат прикажани во терминот од 18 часот на 19 јуни. На програмата се остварувања на режисер(к)ите Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Бесар Илјази.

Документарната програма носи пет остварувања, а проекциите се распоредени во текот на трите дена на одржувањето на ревијата „Златна рамка“. На 18 јуни, во 18 часот, е проекцијата на филмот „Бисер“, во режија на Драган Кумев, а во 19 часот ќе биде прикажан документарецот „Последниот каубој на Балканот“, на режисерот Сабедин Али. На 19 јуни, во терминот од 12 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Живот на крстосница“ (Недопирливи) на Зоран Димов и „Емигрант сум или…“ на Сенад Абдули. На 20 јуни, во 18 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Јанѕа“, работен според „Дневник по многу години“ од Блаже Конески, во режија на Никола Т. Калајџиски, во продукција на „Контраст филм“.

Социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од разни социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“, годинава ќе се одржи на 20 јуни во Домот за стари лица „Мајка Тереза“.
Покрај ревијата на македонски филмови, „Златна рамка“, предвидува да се одржи свечено собрание на ДФРМ на 18 јуни. На 19 јуни, пак, во 20 часот, ќе има презентација на филмската камера „Сони“.
На 20 јуни, во 12 часот, ќе се одржи трибина со наслов „Зачувување на аудиовизуелното наследство“, на која ќе учествуваат Владимир Ангелов, вон. проф. м-р Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.
Традиционално „Златна рамка“ ќе ги додели почесни награди на ДФРМ за филмски актер, филмски автор и филмски работник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето на награди завршува овогодинешниот Cinedays
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.

