Култура
Зоран Спасов-Ѕоф најпродаван домашен автор на „Арс ламина“
„Арс ламина“ додели признанија за најдобрите за 2023 година
Издавачката куќа „Арс ламина“, на својот годинашен настан што традиционално го одржува секоја година за своите вработени, автори и соработници, ги прогласи најдобрите во 2023 година. „Арс ламина“ им додели признанија на Влада Урошевиќ, Наталија Лукомска, Горјан Петревски и на Зоран Спасов-Ѕоф.
„Нашата мисија е да создаваме, да едуцираме, да споделуваме и да се поврзуваме. Ние ја негуваме страста за извонредност и активно ја поттикнуваме културата на иновирање – создаваме врвни изданија за деца и возрасни со цел на нашите читатели да им обезбедиме единствено искуство. Секојдневен предизвик ни е да бидеме најдобри во сите аспекти на издавачката дејност, но во тој процес, се разбира, не сме сами – неизоставен дел се нашите автори, соработници и илустратори“, рече Дарко Фиданоски, коосновач на „Арс ламина“ по повод доделувањето на признанијата за 2023 година.
Признанието автор на годината го доби академик Влада Урошевиќ за романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ во издание на „Арс ламина“. Влада Урошевиќ е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци и твори во речиси секој жанр и во секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патепис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод. Урошевиќ годинава ги освои наградите „Роман на годината“, „13 Ноември“, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, како и наградата автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи.
„Арс ламина“ на Наталија Лукомска ѝ го додели признанието илустратор на годината. Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка, која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги. Наталија Лукомска изработи над 220 илустрации за изданијата за деца „Си беше еднаш: Најубавите бајки на сите времиња“, кое деновиве ќе излезе од печат, и „Ремек-дело“, во издание на „Либи, дел од Арс ламина – публикации“.
Признанието „Читањето е супермоќ“ за особен придонес во поттикнување на читачките навики кај децата го доби Горјан Петревски, кој со децении е на врвот на листата со најчитани македонски автори. Петревски активно се вклучи во кампањата „Читањето е супермоќ“ на „Арс ламина“, што во 2023 година се реализира во соработка со општините и со основните училишта во Скопје.
Зоран Спасов-Ѕоф го доби признанието за најпродаван домашен автор на „Арс ламина“ во книжарската мрежа „Литература.мк“ за 2023 година. Зоран Спасов-Ѕоф е автор на книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“, како и најновото издание „Цепај сине“, кои се во издание на „Попули“, дел од „Арс ламина – публикации“.
„Благодарни сме што во издавачката дејност имаме партнери и соработници кои што покажуваат исклучителна сензибилност за важноста на квалитетот и се надеваме дека ќе продолжиме и понатаму заедно да креираме уште поуспешни проекти и приказни“, заврши Фиданоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.
Култура
Битолскиот диригент Владимир Димовски гостува во Ниш
Битолскиот диригент Владимир Димовски ќе гостува во Ниш, каде ќе диригира со Нишкиот камерен оркестар на концерт посветен на творештвото на Антонио Вивалди. На програмата е „Четирите годишни времиња“, едно од најзначајните и најизведувани дела од барокниот репертоар. Концертот ќе се одржи денеска во Офицерскиот Дом во Ниш со почеток од 19 часот.
Роден во 1984 година во Битола, Димовски своето музичко образование го започнува на отсек виола, а академската надоградба ја продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште за време на студиите се истакнува како водач на групата виоли, што претставува рана најава за неговата подоцнежна уметничка и диригентска определба. Во периодот од 2004 до 2025 година, Владимир Димовски е ангажиран во Македонска опера и балет како виолист и заменик-водач на групата виоли.
Владимир Димовски е основач на НУ Камерен оркестар на Битола, институција која по повеќегодишна негова уметничка и организациска посветеност, во декември 2023 година го доби статусот на национална установа, заедно со првите вработувања реализирани под негово водство. Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола како виолист, а повремено настапува и како диригент, активно учествувајќи во креирањето и реализацијата на концертните програми.
Со повеќе од 25 години искуство во диригирање и работа со различни камерни и симфониски оркестри, Димовски го гради својот диригентски израз не како формална дипломска определба, туку како резултат на лична желба, уметничка страст и континуирана практична работа на сцената, низ долгогодишно водење ансамбли и реализација на комплексни музички проекти.
Паралелно со институционалната работа, веќе 13 години тој е уметнички раководител и диригент на Оркестар DIVA (претходно Битолски Камерен Оркестар), независен ансамбл со јасно профилиран уметнички концепт, насочен кон спојување на класичната оркестарска традиција со современи, поп и рок музички проекти.
Како автор и диригент, Владимир Димовски стои зад бројни оригинални и препознатливи проекти, меѓу кои „Виена во Битола“, „Rock Symphony“, „James Bond Symphony“, „John Williams Symphony“, „Stars Symphony“, „Flowers Symphony“ и многу други. Овие проекти, чиј уметнички концепт и реализација се негово авторско дело, стекнаа значајна популарност и беа изведувани низ Македонија и регионот.
Покрај диригентството, Димовски е активен и како автор на аранжмани и оркестрации, со над 400 реализирани дела за камерни и симфониски состави.
Гостувањето во Ниш претставува уште една потврда за неговиот активен диригентски ангажман и за континуираната регионална уметничка соработка.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова се одржа во Драмски театар
Во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денеска во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерката Ленче Делова.
Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот прв пат чекори во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во оваа, тогаш нова и привремена зграда на Драмски, каде што останува до пензионирањето во 2004 година.
Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена меѓу кои: Џенет (Фармерки, 1965); Пере (Дундо Марое, 1966); Перце (Балада за Тил Ојленшпигел, 1968); Снежана (Пештера, 1969); Вида (Нажалена фамилија, 1971); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Магда (Јане Задрогаз, 1974); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Марија Павловна Маша (Чехов – Подбивна среќо моја, 1980); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Папи Нортон (Хаос зад кулиси, 1985); Марија (Ноќ спроти водици, 1986); Госпожа Балабакова/Старата/ Кумата/ (Чернодрински се враќа дома, 1992); Херетка (Жени во народното собрание, 1994); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Бејб Бортел (Злостори на срцето, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996); Меџ (Гардеробер, 1996); Марина (Вујко Вања, 1997); Бабата (Падот на невиноста, 2002); Мама (Мачка на вжештен лимен покрив, 2003); Менка (Чија си?, 2013).
Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Останок“, „Во светот на бајките“, „Салон Хармони“. Таа имаше значајни остварувања и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.
Добитник е на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2006 година ја добива награда за животно дело. Во 1996 година на истот фестивал ја добива наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Трајанка во „Ни ќар-ни зијан“ која ја одбива заедно со сите други наградени од претставата.
Телеграми со сочувство беа испратени од државниот врв и колегите од повеќе македонски театри.
Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се истакнува дека: „Со голема тага ја примив веста за смртта на истакнатата македонска театарска и телевизиска актерка Ленче Делова, уметница чие творештво остави неизбришлива трага во современата македонска култура.
Во овие тажни мигови, иако не постојат зборови коишто можат соодветно да ја изразат големата загуба, упатувам најискрено сочувство до семејството, пријателите, колегите и до целата македонска културна јавност.
Ленче Делова оствари бројни ролји во Драмскиот театар во Скопје, каде што го помина сиот свој работен век. Нејзините сценски интерпретации се одликуваа со автентична психолошка суптилност, топлина и природност, со што успеваше да интерпретира ликови кои остануваат трајно врежани во колективното сеќавање на публиката.
Особено значајно место во нејзината уметничка биографија заземаат телевизиските остварувања што го одбележаа детството на многу генерации: Бушава азбука, Ајде да се дружиме, Чук, чук Стојанче и Во светот на бајките. Преку овие култни емисии, Ленче Делова не само што ја потврди својата актерска виртуозност туку и даде непроценлив придонес во воспитно-образовниот и културниот развој на младите.
Извонредните актерски остварувања и благородната личност на Ленче Делова ќе останат трајно запаметени како дел од највредното наследство на македонската театарска сцена и телевизискиот медиум“.
Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша: „Со искрено жалење ја примив веста за заминувањето на истакнатата македонска актерка Ленче Делова, доајен на македонското глумиште и една од најпрепознатливите личности на нашата културна сцена.
Ќе ја паметиме по нејзините улоги, по силните и автентични интерпретации со кои ѝ даваше живот на секоја сцена, по нејзиниот препознатлив глас и достоинствена појава. Со својот талент, посветеност и професионализам, таа остави длабок и траен белег во македонскиот театар, филм и телевизија, вградувајќи се во темелите на современата македонска култура.
Од име на Министерството за култура и туризам и од мое лично име, изразувам искрено сочувство до семејството, колегите и сите почитувачи на нејзиното дело.
Нејзиното творештво ќе остане трајна вредност и инспирација за идните генерации.“
Колегите од Македонскиот народен театар во телеграмата споделија сеќавање на долгата кариера на Ленче од самите нејзини почетоци во 1965 година со зборовите: „Израсната и оформена како актерка во нејзиниот Драмски театар, Ленче Делова во текот на својата неколку децениска актерска кариера покажа како лирската прецизност може да остане траен спомен и четиво за иднината.
Со широкиот дијапазон на улоги од комика и гротеска до драма и трагедија, ја покажа нејзината способност наизглед споредниот лик да го претвори во движечка сила на сцената. Сето тоа, акцентирано со нејзината насмевка и топол поглед.
Нејзинатата уметничка дарба и сценска посветеност оставија траен белег во македонскиот театар и во срцата на сите што имаа чест да соработуваат со неа. Ќе остане запаметена како тивка сила на сцената и како уметник со редок интегритет и во театарот и на телевизија.
Нејзиното отсуство е ненадоместлива загуба, а нејзините дела – светол патоказ за идните генерации“.
Од ансамблот на Албанскиот театар – Скопје колегите изразија искрено сочувство по повод загубата на истакнатата македонска актерка Ленче Делова: „Нејзиниот исклучителен уметнички придонес ќе остане трајна вредност во театарската уметност и културниот живот на нашата земја. Ќе ја паметиме по нејзината посветеност, талент и човечка топлина, кои оставаа длабока трага кај сите што имаа чест да ја познаваат и да соработуваат со неа. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејството, колегите и сите што ја сакаа и почитуваа“.
Во телеграмата пристигната од колегите од Театар за деца и младинци се вели дека ѝ оддаваат почит на уметницата која остави значаен белег во македонскиот театар, филм и телевизија: „Со децении активно присутна на сцената, таа беше дел од бројни претстави и остварувања што ја обележаа современата културна продукција и допреа до повеќе генерации публика“.
На комеморацијата последен поздрав кон колешката со која ја делел сцената над четириесет години, упати актерот Благоја Чоревски. Тој во своето емотивно обраќање пред присутните се потсети дека со Ленче се дружеле и настапувале заедно во драмски аматерски претстави уште од својата рана младост. Во навраќањето на тие денови, тој ја сподели радоста и ентузијазмот на нивното гостување на Хвар, на фестивалот на „Југословенски театарски аматерски групи“, на кој Ленче ја освоила својата прва актерска награда на возраст од само 14 години.
Во името на македонското глумиште и колективот на Драмски театар на комеморацијата се обрати директорот Роберт Вељановски потсетувајќи дека театарот е уметност на мигот која нè плени со секоја нова изведба на театарските сцени. Тој замоли со силен аплауз, единствената почит со која се искажуваат најсилните емоции, да се простиме од големата уметница, актерката Ленче Делова и воедно да се потсетиме на нејзината најголема поддршка и на сцена и во семејството, нејзиниот починат сопруг Урош Делов – Руше. Тој беше голем познавач на „театарската светлина“ и расветните тела потребни за доловување на магијата на сцената и обучувач на генерации осветлители и мајстори на светло во Драмскиот театар.
Македонската актерка Ленче Делова беше погребана во понеделникот во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.
Нека ѝ е вечна слава!

