Култура
Избрано ново раководство на Друштвото на писателите на Македонија
Друштвото на писателите на Македонија одржа редовно изборно Собрание, на кое беа избрани новите раководни органи, а беа усвоени и измени и дополнувања во Статутот на Друштвото.
За претседател на Друштвото е избран Живко Грозданоски, а за членови на Управниот одбор се избрани: Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Марина Мијаковска, Сузана В. Спасовска, Бранко Цветкоски и Димитар Пандев.
Избран е и Суд на честа, кој го сочинуваат: Лидија Капушевска-Дракулевска, Санде Стојчевски, Анастасија Ѓурчинова, Владимир Мартиновски и Славе Ѓорѓо Димоски.
Раководството на ДПМ наскоро ќе ја одржи својата конститутивна седница, на која ќе биде избран и потпретседател на Друштвото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на театарска претстава на Театар Пи – „Ние, луѓето“
Театарската претстава во рамки на проектот „Ние, луѓето“ на Театар Пи, е во режија на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска.
Асистент на режија и едукатор е познатата режисерка од Бугарија Гергана Тодева. Во проектот како актери се вклучени лица со попреченост и лица со атипичен развој. Премиерата ќе се одржи на 10 ноември, во недела во Центарот за култура во Ѓорче Петров, со почеток од 19 часот.
– „Ние, луѓето“ е мултимедијален концепт со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водат едукатори-професионалци во својата област, учесниците со типичен и атипичен развој поминаа низ целосен процес на создавање на комплетно театарско дело, објаснуваат од Театар „Пи“, додавајќи дека настанот е дел од кампањата за вклучување на лица со посебни потреби како и лица со типичен и атипичен развој во културата, почната во јануари 2023 , а завршува со театарска премиера. Темата е инспирација од писателот Јордан Радичков, а проектот е финансиран со средства од Бугарска развојна помош, известуваат од Театар „Пи“.
Инаку, Театар „Пи“ е создаден пред 15 години и единствениот на Балканот кој континуирано работи со лица со интелектуална попреченост и лица со типичен развој. Тој е основан и предводен од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска.
Култура
Вредни археолошки предмети стари речиси 2 илјади и петстотини години ископани во Охридско-струшкиот Регион
Вредни археолошки предмет, стари речиси 2 илјади и петстотини години се пронајдени во охридско-струшкиот регион.
На прес-конференција, на која ексклузивно беа изложени некои од пронајдоците, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објасни дека станува збор за голем научноистражувачки успех, кој не само што фрла нови светла врз археолошката историја на нашата земја туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.
„Пред нас и пред целата јавност денеска ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот Регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта личи на далеку попознатата требенишка некропола, која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се 80-ина наоди, од кои некои се пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања, кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание и понатаму се значајни за нашето разбирање на историскиот контекст“, рече министерот Љутков.
Тој информира дека археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј, што се одвиваат на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко. Сè почнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко, открива бронзен шлем, кој потоа го предава во Заводот и Музеј Охрид.
Министерот изрази голема благодарност за одговорниот пристап кон културното наследство и за несебичната помош и соработка.
„Зачувувањето на нашето културно наследство не е само наша обврска туку и одговорност кон идните генерации. Со овие откритија не само што го прошируваме нашиот историски контекст туку и ја зацврстуваме нашата позиција како важен фактор на регионалната, балканската и на европската археолошка сцена“, рече Љутков.
Археологот Перо Арџанлиев, раководител на истражувањата, информира дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј – Скопје добива согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.
„Во рамките на гробната целина откриени се бронзен шлем; златни прстени, килибарни и стаклени перли; златни фолии со разни форми и декорација; сребрени игли; бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и други, кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста. Овие наоди се од особено значење за научниот и културниот аспект на истражувањата и тие ја надополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени услови во овој регион“, рече Арџанлиев.
Инаку, во Охридско-струшкиот Регион досега се истражувани голем број некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди, што сугерира на активен живот на високоорганизирана социјална елита на овој простор во тоа време.
На прес-конференцијата, на која беа изложени ексклузивно некои од пронајдоците присуствуваа и директорите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, НУ Археолошкиот музеј од Скопје и на НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ од Струга, Горан Патчев, Славица Бабамова и Цветлана Василевска, како и археологот Перо Арџанлиев, со дел од тимот археолози.
Култура
Концерт на Марко Виденовиќ, Марија Јакимовска, Игор Бакревски и Кристијан Кожумановски во КИЦ на РСМ во Софија
На 9 ноември (сабота) 2024, со почеток од 18:30 часот, во КИЦ на Република Северна Македонија во Софија ќе се одржи концертот на Марко Виденовиќ, Марија Јакимовска, Игор Бакревски и Кристијан Кожумановски.
КВАРТЕТО е состав единствен од ваков тип во Македонија, а неговата визија е камерното музицирање да стане неизоставен дел од концертите.
Камерниот состав изведува композиции од авторот на проектот Марко Виденовиќ кој преку своите композиции раскажува градски приказни, прифатливи за секаков вид на публика.
Атрактивната програма, специфичноста на составот и инструментите, како и професионалноста на уметниците, кои беспрекорно се претставуваат низ државата и пошироко
Квартетот е составен од членови во нашите Национални оркестри Филхармонија и Опера и балет: Марко Виденовиќ (автор, виола, пијано), Марија Јакимовска (флејта), Кристијан Кожумановски (контрабас), Игор Бакревски (кларинет).
Целта на овој проект е на високо културен и достоинствен начин да се претстави овој камерен состав, преку изведба на 10 композиции кои сочинуваат една приказна во времетраење од 60 минути.
Одлична шанса и подиум за уметниците, ќе ги истакнеме културните особености и вредности на камерното музицирање со музика од македонски автор, вели организаторот.