Култура
„Извидник“ на Алекс Цветков утре го затвора „Браќа Манаки“
Опседнатоста со технологијата на новото време, зависноста од социјалните мрежи и како тие се одразуваат врз животите на луѓето, се темите што ги обработува краткометражниот игран филм „Извидник“ на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков, кој во моментот живее и работи во Словенија.
Филмот, кој има доминантна македонска продукција, премиерно ќе биде прикажан на утрешното официјално затворање на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Станува збор за краткометражен научнофантастичен филм работен по сценарио и режија на Алекс Цветков. Цветков е син на популарниот каскадер од Македонија, Рок Цветков, кој стекна светска слава работејќи на холивудски филмови, како „Шиндлеровата листа“, „Патриот“, „Ничија земја“ и др. Младиот Цветков студира режија во Лос Анџелес, а овој дебитантски филм е негова дипломска работа. Освен Цветков, македонската екипа што работеше на филмот ја сочинуваат и продуцентот Сашо Пешев, кој е носител на проектот преку продуцентската куќа „Ново македонско видео“, кинематографот Дејан Димески, а визуелните ефекти на филмот ги работеа студиото за постпродукција „Видеохаус анимејшн“ и македонски артисти. Кастингот на филмот е интернационален, а главните улоги ги толкуваат Мозес Гомез – Сантош, Хоџи Фортуна, Ула Фурлан и др.
Дејството на филмот е дистопија, се случува во дехуманизирано општество во кое апликацијата „Скаут“ е најпопуларната социјална мрежа меѓу луѓето преку која тие може да споделуваат видеа во живо или вести за што добиваат пари. Колку е подобар стримингот што го имаат, толку повеќе пари и популарност ќе заработат. Така, сите постојано снимаат популарни личности и криминални активности, без да се обидат да им помогнат на жртвите. Главниот лик е Гас, професионален мотоциклист, особено популарен на „Скаут“ со огромен број следачи. Гас е апсолутен зависник од адреналин и од социјалната мрежа, тој живее за своите следбеници и можноста да ги воодушеви со неговите способности. На денот на неговата венчавка со Сара, Гас е решен да го има најдобриот ден во животот. На инсистирање на Сара тој го остава телефонот и ветува дека нема да врши пренос во живо. Но, денот нема да биде совршен како што замислил Гас.

Филмот „Извидник“ има голема продукциска вредност и носи силна порака.
– Технологијата ни овозможува да се скриеме во сопствениот балон, без да посветиме внимание на поискрената верзија од себе. Технологијата донесе многу добри работи, но не смееме да заборавиме дека секогаш постои негативната страна на сè. Преку овој филм сакам да ја истражам темната страна на технологијата и како таа може да се одрази дури и врз најбезопасната личност. Главната порака е: „види што имаш и ќе видиш дека не ти треба повеќе“. Најчесто не ни е важно што имаме, туку секогаш сакаме повеќе. Следејќи ја оваа формула, може да се загубиме многу бргу и нашиот живот да се испреврти во секунда – вели Цветков.
За продуцентот Сашо Пешев, работењето на теми што се актуелни за современиот технолошки забрзан свет секогаш е предизвик.
– Драго ми е што можеме да отвориме прашање што е особено актуелно последниве години и со кое секој може лесно да се идентификува, да се препознае во содржината. Задоволен сум што излеговме од некои шаблони на теми што беа карактеристични за Македонија и регионот последниве години и дека го држиме чекорот со светот и во начинот на кој е снимен филмот, изработката на сетот, на сцените, начинот на кој е работена постпродукцијата. Иако е краток филм, сепак станува збор за скап квалитетен филм, кој има посебна продукциска вредност. Жанрот на научна фантастика е особен предизвик за работа – вели Пешев.
Филмот „Извидник“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

