Култура
Изложба во МКЦ за загрозениот модернизам
„Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“ е насловена изложбата што ќе биде претставена од утре до 24 февруари во Младински културен центар, Скопје.
Изложбата ќе биде отворена утре во 20 часот.
Оваа изложба претставува сегмент од научноистражувачкиот проект „Загрозен модернизам“, насочен кон препознавање, проучување, вреднување и промоција на архитектонското наследство од периодот на Модерната на територијата на Македонија.
Целта на истражувачкиот проект е повеќезначна. На документарно ниво, да пронајде и собере значаен историски материјал во форма на проектна документација, цртежи, фотографии итн.; на научноистражувачко ниво, користејќи се со проверени методи и постапки да изврши вреднување на избрани примери на архитектонското наследство и да ги утврди главните фактори, кои довеле до нивно загрозување; на педагошко ниво, резултатите од истражувањето да ги направи видливи за стручната и пошироката јавност со цел подигање на свеста за вредностите на градителското наследство од периодот на Модерната.
Како надополнување на поставената методологија, на истражувачкиот процес му беше додадена и проектантска перспектива. Во рамките на наставата на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на предметите Ревитализација на градителското наследство и Интегративното студио – Адаптивна (ре)употреба на градби, пет архитектоснки градби, во својство на избрани студии на случај беа зададени како проектантски проблем: железничките депоа на Македонски железници – инфраструктура, Фабриката за производство на картон и картонска амбалажа (поранешна „Комуна“), Шалтер-салата на Телекомуникацискиот центар, Домот на културата „Гоце Делчев“ и Мултимедијалниот центар „Мала станица“, сите во Скопје.
Основна цел на овие истражувања преку проект(ирање) беше да се тестира цел спектар на архитектонски стратегии (од прагматични до радикални), насочени кон испитување на потенцијалот на градбите за приспособување и промена, како и изнаоѓање нови содржини и облици преку кои постојните градби истовремено би биле и заштитени и ревитализирани. Пошироката јавна дискусија и интерпретација на добиените резултати е замислена да претставува појдовна точка за разговор во врска со можните иднини на овие вредни архитектонски градби.
Автори на истражувањето и изложбата се: Ана Ивановска Дескова, Горан Мицковски, Елизабета Касапова и Јован Ивановски. Научноистражувачкиот проект „Загрозен модернизам“ е финансиран од средствата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2017/2018 година, а изложбата е поддржана и од Младинскиот културен центар во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

