Култура
Изложба на тема „Подарени дела од Чехословачка“
Во просториите на Музејот на современа уметност во 18 часот ќе биде поставена изложба на тема „Подарени дела од Чехословачка“, 100 години од формирањето на Чехословачка”, која официјално ќе ја отворат амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш, амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Томан, исто така обраќање ќе има и директорката на Музејот на современа уметност, Мира Гаќина.
Сепак, акцентот е ставен на годината кога е формирана заедничката држава Чехословачка, 1918 година, што значи годинава е 100-годишнина, но не како заокружена прослава на поранешната заедничка држава, бидејќи во 1993 година по мирен пат тие се разделија (Чешка и Словачка).
Во сите наброени околности најбитно е што изложбата е предизвик на отворање на можноста за анализа на повеќе моменти. Би започнале со оние што логично се врзани за последните децении на минатиот век. Тие ги третираат социополитичките промени во Европа, години што влијаеја врз уметноста и културата генерално. Во оваа смисла елаборацијата се темели врз историскиот однос Исток-Запад, што неминовно ги маркира перспективите на затекнатите состојби.
Со намера поцелосно да ги допреме уметничките настани во овие сега одвоени држави неопходно е да се земат предвид сите фази и реални процеси на развојот на повеќе генерации на модерните, но и на современите уметници. Оваа констатација нè оддалечува од симплификуваните работи, од онаа современа продукција што ги следи политичките реформи. Познавајќи ја релативно реалната историска ситуација на Чехословачка, особено наметнатоста кон мистифицирање на односот на официјалната уметност и на државните институции во периодот на владеењето на комунистичкиот режим неминовно се вклучи и т.н. алтернативна, неофицијална уметност што го иницираше централниот мотив на појавените преобразби. Во периодот на очекуваната транзиција и одбегнувањето на директната конфронтација со советскиот режим, особено за време на Прашката пролет 1968 год. (се одбележува и нејзината 50-годишнина) Националната галерија во Прага се реши да одвои важен дел од сопствената релевантна колекција (12 дела), за да ја дополни тогаш младата колекција на МСУ, Скопје (денес во колекцијата се наоѓаат 265 дела од 92 автори од Чехословачка).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

