Култура
Изложба на фотографии на Бранислав Бркиќ, Србија, во галеријата „Рудиќ“
Во четврток, (24.10.2024) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе се отвори изложба на фотографии на познатиот српски фотограф Бранислав Бркиќ, под името „Сибирска Тофаларија“. Изложбата ќе трае до 15.01.2025.
Во пространствата на големиот Сибир има многу помали области кои се тешко достапни дури и за локалното население. Тофаларијa е една од тие и се наоѓа во делот на планините Сајан западно од градот Иркутск во близина на границата со Монголија.
Во областа Тофаларија има три населби: Верхњаја (Горња) Гутара, Алигџер и Њерја. Тоа е единствената населена област во Русија со Тофаларите, мал автохтон народ со население од се околу 700 (седумстотини). Во заедницата со Тофаларите живее уште толкав број на Руси кои прв пат се доселија во Тофаларија во триесеттите години од минатиот век
Тофаларија е одалечена на околу 600 километри од Иркутск, покриена е со непроодна тајга низ која минуваат голем број планински реки и има површина од околу 20 илјади квадратни километри. Не е можно да се стигне до оваа област со воз, автобус или со кола, нема патишта. Само специјални теренски возила повремено можат да најдат пат низ тежок терен. Најголемато селото Алигџер е оддалечено 200 километри од најблискиот град Њижни Новгород, од каде што лета четири или пет пати месечно хеликоптер МИ-8 со 20 патници, под услов да се поволни временски услови. Билетот мора да се резервира со месеци однапред, на локалното население му се дава приоритет.

Во современиот свет кој е преплавен со слики и брзи информации, изложба „Сибирска Тофаларија“ претставува оаза на смиреност и уникатно патување низ простори кои се далеку од метежот и вревата на модерниот живот. Фотографирајќи сцени кои не се само визуелно привлечни, туку и длабоко емотивни и промислени, Бранислав Бркиќ, инспириран од естетиката и стилот на фотографите на National Geographic, успева да ја долови суштината на тие оддалечени области, не наметнувајќи ги своите фотографии на гледачот, туку преку нив внимателно го воведува во универзум проткаен со чисти емоции, спокојство и хармонија.
Овие фотографии се медиумот преку кој авторот го пренесува мирот, спокојството и раскошот на тие заборавени светови. Тие се прозорци низ кои можеме да ја видиме душата на луѓето кои живеат едноставен, но исполнет живот.
Секоја фотографија е како рамка од филм која остава длабок впечаток, создава чувство дека штотуку сме излегле од киното исполнети со спокојство и задоволство. Емоциите, мирисите и звуците на тие идилични простори лебдат во воздухот, правејќи нè да сакаме да бидеме дел од тој свет, да се движиме меѓу тие луѓе, да го доживееме тој бавен живот без брзање.
Изложба „Сибирска тофаларија“ не е само збирка фотографии; тоа е филозофска медитација за животот, мирот и убавината скриени во едноставноста. Бркиќ не поканува да ѕирнеме во свет кој е искрен, суштински убав и длабоко емотивен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

