Култура
Изложба на фотографии на Киро Урдин, „Луѓето од долината Омо Валеј“, во Букурешт, Романија

По извонредниот успех постигнат минатата година во главниот град на Романија, со две изложби на слики во познатата галерија „Константин Бранкуши”, во рамките на зградата на Романскиот парламент и, во галеријата на Националниот музеј на романската литер тура, како и учеството на 13-тиот Интернационален фестивал на поезија – нашиот реномиран мултимедијален уметник со светско реноме Киро Урдин, повторно ќе се претставува пред романските љубители на уметноста.
Овојпат, на покана на Музејот на романскиот селанец во Букурешт (музеј кој во 2006 год. е прогласен за најдобар музеј во Европа), ќе се одржува светската премиера на изложбата фотографии насловена „Луѓето од Долината Омо Валеј” , кои Урдин ги направил за време на неговите бројни патувања во Африка, за време на снимањата на неколку негови документарни филмови. …
`Tука се припадниците на `племињата` Мурси, Боди, Квего, Мугон, Ари, Бана, Хамар, Аробе, Каро, Сурма, Диме, Консо…опстојуваат, живеат. Да се видат и доживеат тие прекрасни припадници на овие етнички групи е вистински топол шок за секое срце. Кај некои од нив кожата им е изгравирана, кај други е насликана со бои, а богатата разновидност на пропратни украси помага да се збогати уште повеќе нивната убавина. Природно спонтани луѓе, како срцето да им минало во нивните насмевки…` – ќе напише Киро Урдин во еден негов текст насловен `Омо Валеј`.
Куратор на изложбата е Теа Теохаревска- Иванова, дипломиран филолог по романски јазик и книжевност, а комесар Јане Теохаревски, историчар на уметност. Изложбата ќе трае од 18 јули до 18 август и, е во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Романија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Силјан“ на Тамара Котевска е македонскиот кандидат за Оскар

Македонскиот филм „Силјан“, во режија на Тамара Котевска и во продукција на Конкордиа (Concordia), е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, соопшти Агенцијата за филм.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници, а во конкуренција покрај Силјан беа и филмовите „Ди Џеј Ахмет“ на Георги Унковски, продукција на Синема Футура, како и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар – Cinepaqe Production.
При својот избор, комисијата се водеше од уметничката вредност на филмовите, квалитетот на нивната наративна и визуелна компонента, како и од актуелноста и длабочината на приказните кои ги обработуваат.
Агенцијата за филм ја поздрави оваа одлука и испрати честитки до целиот авторски, креативен и продукциски тим.
Култура
Премиера и во Подгорица: „Лов на дива свиња“ – женска борба за глас и правда

По успешната праизведба летово на сцената во Македонскиот народен театар, претставата „Лов на дива свиња“ на 7 септември премиерно ќе се одигра пред публиката и во Градското позориште Подгорица. Ден потоа е закажана и првата реприза.
Марија Сарап е современа писателка од Црна Гора, која од неодамна е уметнички директор на Црногорско народно позориште. Поплавска е македонска режисерка што на нашата публика ѝ донесе значајни претстави и долгогодишен соработник на МНТ, каде што ги постави мјузиклите „Чикаго“, „Мама миа“, „Архангелот над Скопје“ и многу други. Претставата „Лов на дива свиња“ е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште Подгорица и Здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје. Во претставата играат актери од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова-Славенска и Мина Јелушиќ-Јериниќ од Македонија, како и Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Режисерката Поплавска која е претседател на „Арт медиа“, иницираше театрите на двете земји да потпишат Меморандум за соработка, а во јуни годинава директорите на двете театарски институции, Никола Кимовски на МНТ и Сандра Вујовиќ на Градско позориште Подгорица, по потпишувањето, решија веднаш да започнат со реализација на претставата „Лов на дива свиња“, што е првиот заеднички проект. Со тоа започнува културната размена што предвидува развој на современата театарска сцена во регионот, поинтензивна соработка и нови регионални иницијативи меѓу Македонија и Црна Гора.
„Лов на дива свиња“ е современа драма и симбиоза на два авторски текста потпишани од Марија Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“. Претставата се занимава со интимна и силна исповед за жените, кои преживуваат семејно насилство и фемицид, нивната борба за себеидентификација и начините на кои се соочуваат во токсичните околности каде што се губат себеси. Делата на Сарап, општо земено, се карактеризираат со длабока психологизација на ликовите и истражување на социјалните и семејните теми, често фокусирајќи се на женските перспективи и нивните борби во патријархалните општества.
„Ова е приказна за демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“, вели Сарап.
Режисерката Поплавска додава дека се работи за „Женска тема со јасна порака, приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата. Оваа претстава е женски крик на сите оние што доживеале дел од она што ние го поставивме на сцената. Претставата ја отвора темата фемицид и истовремено е апел до сите засегнати институции. Мисијата сме ја постигнале, доколку барем некој во публиката одлучи да каже: Доста е!“, истакнува Поплавска и додава: „Со оваа претстава создадовме простор каде што актерите, без разлика на националноста и јазикот, заедно креираат искрена, силна и емотивна приказна. Радоста, енергијата и креативноста се чувствуваа на секоја проба и изведба.“
Претставата се игра двојазично – на македонски и на црногорски јазик, а сензибилитетот на актерите од двете земји ѝ носи дополнителна динамика и културна тежина.
Во претстојниот период, претставата ќе продолжи да се изведува на сцените на Македонскиот народен театар и Градското позориште Подгорица, со ангажман на две технички екипи, додека актерите ќе патуваат на релација Скопје – Подгорица. Соработката меѓу двете институции ја поттикнува долгорочната културна размена и заедничкото творештво на современи автори и уметници од регионот. Покрај изведбите што се планирани во Македонија и Црна Гора, „Лов на дива свиња“ е подготвена и за учество на регионални и меѓународни фестивали, каде што ќе продолжи да ја пренесува својата универзална порака. Проектот е одличен пример за значењето на уметничката соработка и создавање заедничка театарска сцена, која ги надминува границите и промовира важни општествени теми.
Фото: Емил Петров
Култура
„Гола месечина“ 12. пат во Аеродром од 10 до 13 септември

Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, традиционално по 12-ти пат ќе се оджи од утре, 10 септември (среда) до 13 септември (сабота), во паркот Авионче во Општина Аеродром.
На првиот фестивалски ден со почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е на Градско позориште Јазавац – Бања Лука, Босна и Херцеговина, во која играат Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ.
На 11 септември (четврток) ќе се одигра претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.
На 12 септември (петок) на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од Сцена Маска – Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.
На 13 септември (сабота) ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш. Во претставата, која е дел од Театар Керекеш – Вараждин, Хрватска, играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња.
Истата вечер, од 21:20 часот, како дел од придружната програма, ќе настапи Бојан Велевски со својот стендап-настап.
Претставите годинава ги избра Роберт Ристов, а на последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите, за кои ќе одлучува жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов.
Претставите почнуваат од 20 часот, а влезот е бесплатен за сите.