Култура
Изложба на фотографии од Милчо Манчевски во МСУ
„Уметничкиот пристап на Милчо Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и ги избегнува конвенциите. Во ‘Таму’ тој нè води на патување кое е исто толку за чинот на гледање, колку и за сетилното искусување на местото“. Вака пишува ирскиот уметник и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, Конор Мекгрејди за претстојната изложба фотографии на Манчевски, која ќе биде отворена на 1 октомври во Музејот на современата уметност Скопје во 20 часот.
Настанот ќе биде и промоција на книга со фотографии од изложбата „Таму“, на издавачката куќа „Антолог“.Во книгата и изложбата избрани се 88 колор-фотографии, создавани во период од десет години.
Кураторка на изложбата Бојана Јанева-Шемова вели: „Уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив. Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сè од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од ‘Таму’, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост“.
„Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“.
„Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува ‘Таму’. Бојата е клучен слој што дефинира во овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. Во ‘Таму’ бојата го дава ова визуелно закотвување и тече како поток низ овие слики. Таму ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, таму може да биде каде било, и на крајот е секаде“, вели во предговорот на книгата Мекгрејди.
Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа „Антолог“ и Манчевски го работеа повеќе од две години. Книгата, дело за најпрефинетите гурмани на фотографијата, спакувани во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „Пикс плус“.
„Го искомбиниравме перфекционизмот на Манчевски со највисоките стандарди на ‘Антолог’ за да создадеме една прекрасна приказна – моменти, фатени од најпрецизно око и објектив, без ‘кропирање’ и фотошоп, сплотени во остварување што ќе донесе нова свежина во светот на фотографијата и книгоиздателството. Од неодамна во нашиот издавачки опус е вклучена едицијата ‘Сталагмити – сталактити’, со која отвораме ново поглавје на вклучување визуелни уметности, и неизмерно е задоволството што уште на самиот почеток на оваа едиција, како втора книга издаваме вакво вредно дело од нашиот најпознат режисер и автор“, велат од „Антолог“.
Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор-обработката на Александар Петревски и Орце Поповски. Книгата ќе биде достапна за продажба веќе од 1 октомври во целата дистрибутивна мрежа на „Антолог“, која ги вклучува книжарниците „Антолог“ и електронската книжарница антолог.мк, како и над 30 други продажни места низ целата држава.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на РС Македонија како дел од Годишната програма за 2020.
Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хештаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.

