Култура
Изложба „Откритија“ во македонскиот КИЦ во Белград
Македонскиот КИЦ во Белград, од 25 до 29 ноември, ќе биде организатор и домаќин на изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции. На оваа изложба, ќе бидат претставени 14 дела од македонски ликовни уметници, меѓу кои и дела од основоположниците, кои се сопственост на приватната колекција на слики на г-н Игор Станковиќ.
Станува збор, за мали ремек-дела на големите мајстори на македонската ликовна уметност, за кои македонската стручна и ликовна јавност многу малку знае, бидејќи освен во Галеријата на САНУ во Белград, овие дела, во најголем дел, ретко или никогаш не биле изложувани во нашата држава.
Во каталогот за изложбата, историчарката на уметноста, г-ѓа Викторија Васева Димеска, пишува:
Се́ поголемата отвореност на приватните колекции и нивната достапност, е од непроценлива помош при евидентирањето на делата, датирањето, споредбите, особено за можноста тие да бидат изложени на проблемски, тематски, монографски…изложби. Тоа е и голем придонес во проучувањето на историјата на уметноста на одредена почва. Излагањето на збирките во приватни аранжмани, ги отвори вратите и ја проблематизира потребата од нивното презентирање и во државните институции. Секако, овој транспарентен начин на соработка со богатствaтa што се под закрила на приватните амбиенти, дава можност да се откријат, пронајдат, непознати податоци кои можат да предочат одредени пропусти или некои поместувања во постоечките теоретизирања.
Сите автори застапени во оваа колекција се еден хронолошки патепис и дел од историјата на македонската ликовна уметност. Во нив е вткаена широка лепеза на ракописи, од граѓанскиот портрет на Папрадишки, сочната палета на Личеноски, извонредниот цртеж и суптилните тонски соодноси на Мартиноски, хармоничните колористички конструкции на Коџоман, силната колористичка екстаза и извонредната композиција на Петар Мазев, религиозниот занес со возвишените остварувања на византиската уметност на Глигор Чемерски, преку лирските, екстатичните сцени од длабочините на човечката психофизичка егзистенција на Владимир Георгиевски, имагинарните, романтични сцени и амбиенти на Рубенс Корубин, звукот на пораката за изгубените простори на сеќавањата во мирисот на глуварките на Танас Луловски, геометриска апстракција на Ѓоко Матевски, придушената гама на Весна Бајалска….
Збирките не се само материјално богатство, тие се дел од историјата, од начинот на живеење на еден народ, од културната и духовната баштина, но тие се и чувари на духот на оној што со љубов ги собирал.
Иницијатор и домаќин на овој несекојдневен ликовен настан во огранизација на нашиот КИЦ во Белград е директорот Васко Шутаров, кој ќе го отвори настанот, а изложбата за отворена ќе ја прогласи Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Овој проект, кој е само почеток на една поголема и повеќегодишна активност за презентирање на сите поважни дела од македонски ликовни автори кои се наоѓаат во белградски приватни колекции е поддржан од Министерството за култура и туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

