Култура
Изложба „Урбани трансформации“ на Благојче Наумоски и Јехона Ајрадини во КИЦ – Софија
На 19 декември 2024, со почеток од 18:00 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе биде отворена изложбата „Урбани трансформации“ на младите ликовни уметници: Благојче Наумоски и Јехона Ајрадини.
На изложбата ќе бидат претставени сликарски дела, изработени во акрилна и комбинирана техника.
Во елаборацијата на проектот „Урбани трансформации“ Благојче Наумоски напишал: „Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што преку акрилната техника на платно се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.
Моите дела го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот преку апстрактна трансформација на просторот, материјалноста и волуменот. Со ова, се стремам да создадам визуелен јазик кој го доловува суровиот карактер на бруталистичката архитектура, притоа истакнувајќи ја моќта на геометријата и минимализмот во контекст на урбаните пејзажи.
Брутализмот претставува естетика која е и ригидна и динамична, парадокс на монументалното и човечкото. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација. Преку процесот на деконструкција на архитектонските елементи, ги изолирам основните геометриски форми – прави линии, агли, масивни волумени – кои потоа ги трансформирам во апстрактни композиции. Овие композиции не се директни репрезентации на згради, туку ја истражуваат материјалноста, просторот и волуменот во една нова визуелна димензија.
Преку акрилната техника, деконструирам сегменти од овие урбани структури, изолирајќи ги геометриските форми кои го отсликуваат архитектонскиот јазик на брутализмот. Моите дела не се директни претстави на згради, туку се фокусираат на трансформацијата на просторот, волуменот и материјалноста во визуелен јазик. На овој начин, имам за цел да ја истражам тензијата помеѓу функционалната цел на архитектурата и нејзиниот потенцијал за апстракција.
Наместо да се обидувам да реплицирам одредени згради или урбани средини, јас ги разложувам нивните форми на суштински форми, линии и рамнини. Овие апстракции имаат за цел да ја доловат основната логика и ритам на брутализмот. Доловувањето на суштината на метаморфозата е императив, нагласувајќи ја флуидноста и податливоста својствени за геометриските форми, но вистинската суштина лежи во следните фази, каде што овие почетни форми претрпуваат извонредна еволуција. Монументалното станува интимно, функционалното станува експресивно, а познатото нешто ново.
Со апстрахирање на геометриските елементи, ги повикувам гледачите да го преиспитаат својот однос со изградената средина – да ја видат студената, навидум непробојна архитектура како флуидна, која се развива и е проткаена со чувство за ритам и ред. Моите дела се омаж на издржливоста и трајноста на урбаните пејзажи, но исто така се одразува на нивната постојано менувачка природа и начинот на кој ние, како жители, ги трансформираме и доживуваме овие простори со текот на времето.
Урбани Трансформации е одраз на тоа како светот создаден од човекот е и крут и податлив – дизајниран, но сепак отворен за реинтерпретација преку уметничка визија. Преку овој проект, поканувам на дијалог за односите помеѓу просторот, структурата и човечкото искуство, истакнувајќи ги начините на кои архитектонските форми, кога се апстрахираат, можат да предизвикаат емоционални и интелектуални одговори далеку од нивната практична функција. Урбани трансформации е мојот обид да го премостам јазот помеѓу импозантната цврстина на брутализмот и флуидноста на апстрактната геометрија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ со белгиска премиера во Бриж
Анимираната научно-фантастична комедија „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски денес има белгиска премиера на Razor Reel Flanders Film Festival во Бриж. Фестивалот е дел од Мелиес организацијата — европска мрежа на филмски фестивали посветени на фантастичниот филм, именувана по пионерот на кинематографијата Жорж Мелиес, француски режисер кој уште на почетокот на 20 век ги постави темелите на филмската фантазија и специјалните ефекти со класични дела како „Патување на Месечината“ (1902).
![]()
Основан во 2008 година, Razor Reel е препознатлив по својата посветеност на фантастиката, хоророт, анимацијата и независниот филм, промовирајќи авторски дела што ги поместуваат границите на жанрот.
Режисерот Гоце Цветановски вели: „Октомври беше многу активен за Јон Вардар: имавме десет фестивалски прикажувања, меѓу кои премиери во Тајван, Австралија, Турција, Канада, Германија, и мило ми е што ритамот не успорува ни во ноември. Наскоро ќе објавиме уште возбудливи новости.“
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Oбјавен романот „За мајките се’ најдобро“ на хрватската писателка, Сања Пилиќ
„Македоника литера“ неодамна го објави романот за млади „За мајките сè најдобро“ на познатата и најчитаната хрватска писателка за деца Сања Пилиќ. Ова е нејзиниот прв роман, првпат објавен во 1990 година, за кого ја доби книжевната награда „Григор Витез“ и долг период е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска.
Овој роман зборува за проблемите на пишувањето, за техниката, ликовите, заплетот, но и за животот на писателот, за неговиот социјален и финансиски статус и за проблемот на усогласување на пишувањето како професија и за семејниот живот. Зборува за мајчинството, но од перспектива на мајка која чувствува дека прерано пораснала и дека нејзиниот „возрасен“ живот ѝ забранува многу работи за кои копнее. Тоа се некои детски желби и фантазии, но и време за себе и за сопствените интереси.
Романот зборува и за семејното секојдневие, за обичните мајчински проблеми, за готвењето ручек, детските игри и проблеми, брачните врски и пријателствата. Сепак, сè е раскажано од перспектива на мајката која, како и сите други, има свои индивидуални потреби, проблеми и соништа што се во спротивност со нејзиниот мајчински идентитет.
„За мајките сè најдобро“ нема силен заплет, што значи дека во преден план не се заплетите, интригите и општите настани, туку романот е многу „разигран“ и непредвидлив, но не толку поради настаните во него, колку поради начинот на кој е напишан. Писателката често си игра со зборови, како на пример во следните реченици: „Лицемерите не се мерачи на лицето…“, „Валдемар има полутетка. Затоа тој ја полуслуша“… Таа, исто така, измислува свои зборови, користи сленг изрази, си игра со поговорки, со правопис и пишување со големи букви, со графички приказ или со празниот простор на страницата.
Сања Пилиќ (1954 година, Сплит, Хрватска) дипломирала на Факултетот за применети уметности, отсек фотографија. Работела како фотограф, трик-снимател и колорист на цртани филмови. Живее и работи во Загреб.
Објавила повеќе од осумдесет книги, вклучувајќи сликовници, книги за деца и млади и книги за возрасни. Добила бројни награди и признанија за својата работа. Неколку нејзини книги се задолжителна лектира за основните училишта, меѓу кои и овој роман, а повеќе наслови се толку популарни што се објавени во повеќе од десетина изданија.
Нејзини најпознати дела се: „За мајките сè најдобро“, „Немам време“, „Трошки од дневната соба“, „Па, не ми е жал“, „Женски песни“, „Фактор на успех“, „Мала торба, голема слобода“, „Ми одиш на нерви!“, „Се гледаме на Фејсбук!“ и други. За своите дела добила повеќе награди и признанија. Освоила над дваесет награди, а номинирана е за двете највисоки меѓународни награди за книжевност за деца „Ханс Кристијан Андерсен“ и Меморијалната награда Астрид Линдгрен (АЛМА).
Нејзини книги и текстови се преведени на повеќе јазици, а ова е втора нејзина книга на македонски јазик, по „Баш сум хепи!“, книга со куси раскази, исто така во издание на „Македоника литера“.
Сања Пилиќ (1954) е автор на повеќе од седумдесет книги, меѓу кои сликовници, книги за деца и за млади и книги за возрасни. На списокот на задолжителни лектири за основните училишта во Хрватска има повеќе наслови, а повеќето од нив се публикувани по десетина изданија. Нејзини најпознати дела се: „Сè најдобро за мајките“, „Немам време“, „Трошки од дневната соба“, „Е, баш не ми е жал“, „Женски песни“, „Фактор за успех “, „Мала торба, голема слобода“ „Ми одиш на нерви!“, „Се гледаме на Фејсбук!“, „Баш сум хепи!“ и многу други.
Добитничка е на дваесетина награди и е номинирана за меѓународната награда „Ханс Кристијан Андерсен“ за 2024 година, како и за наградата АЛМА (Astrid Lindgren Memorial Award) за 2024 година.
Нејзини текстови се преведени на словенечки, англиски, германски, холандски, италијански и унгарски. Нејзини книги се преведени на словенечки, бугарски и албански јазик. „Баш сум хепи!“ е прва нејзина книга објавена на македонски јазик. Дипломирала на Факултетот за применета уметност, отсек фотографија. Работела како фотограф, снимател на кинематографски ефекти и сликар на сцени за цртани филмови. Живее и работи во Загреб.
Култура
Концерт на Дуо Лазар Соколов & Емилија Кабранова Филипова во Скопје
На 4 ноември во Салон 19:19 со почеток во 19:19 часот, концерт ќе одржи Дуо Лазар Соколов & Емилија Кабранова Филипова.
„На 04 ноември 2025 година, со почеток во 19:19 часот, во Културно Информативен Центар – Скопје, салон 19:19, ќе настапи дуото Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова Филипова (пијано). Публиката ќе има можност да ужива во програма составена од дела на реномирани композитори: Claude Bolling, Dimitrije Buzarovski, Roger Boutry, Jana Andreevska, Roberto Molinelli и Pedro Itturalde – спој на француска елеганција, медитеранска експресивност и современа македонска уметничка мисла“, се вели во најавата.

