Култура
Изложба Carra – тајниот јазик на телото и уметноста
На 1 ноември 2024 година, во 19:00 часот, Националната опера и балет во Скопје ќе биде домаќин на изложбата „Carra,“ новото дело на уметникот Бојан Ковски. Оваа изложба, инспирирана од незаборавната италијанска икона Рафаела Кара, ја претвора телесната уметност во живописен омаж на нејзината уметност и енергија. „Но, ова не е обична изложба. „Carra“ е експлозија на движења, бои и форми, каде телото станува платно, а секој потег – песна што не се слуша, туку гледа“.
Ковски преку „Carra“ ја истражува идејата за телото како живо платно, кое станува средство за изразување на емоции, ставови и естетски идеали. Во оваа изложба, ќе бидат претставени 12 body-art инсталации, секоја со уникатен визуелен идентитет, кои на 15 македонски модели ќе раскажуваат своја приказна. Тука ќе ги видиме и некои истакнати лица на македонската сцена – Антониа Гиговска, Калтрина Круезиу, Миа Араби, Александар Динев, Ведрана Ѓорѓевиќ и други – кои со своето присуство го обликуваат духот на изложбата.
Магијата на уметноста не завршува со телото. Напротив, секое дело ќе биде овековечено од 12 фотографи, кои преку своите објективи успеваат да го пренесат уникатниот светоглед на Ковски и неговите инсталации. Фотографите како Бојан Стоилковски, Ани и Дими, Зонде, Горан Поповски, Дејан Џолев и други, создаваат визии кои го доловуваат мистичниот танц помеѓу уметноста и телото, помеѓу формата и суштината. Секое фотографирано дело е бескрајно слоевито, со едноставен но длабок приказ на телесната експресија и креативниот импулс.
Во целокупниот визуелен израз, важен дел се и фризурите кои ја комплетираат уметничката инсталација. Врвни фризери како Октај, Шурбевски, Сретен Костиќ, Кека Махмуди и Даниел Николовски креираа фризури кои се во совршена хармонија со телесната уметност, што на моделите им дава завршен изглед достоен на оваа изложба. Нивната креативност и елеганција ќе ја истакнат убавината и оригиналноста на секој од моделите, додавајќи нови слоеви на уметничкиот израз.
„Carra“ е повеќе од изложба – тоа е покана за дијалог помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу телото и духот, каде секој гест носи порака, а секоја боја – емоција. Ковски нè води низ прашалници за идентитетот и слободата, за моќта на уметноста да го пренесе она што зборовите не можат да доловат. Телото станува медиум на комуникација, симбол на универзалниот јазик кој сите можеме да го разбереме.
На 1 ноември, вратите на Националната опера и балет ќе бидат отворени за сите кои сакаат да бидат дел од ова уникатно уметничко патување. Влезот е слободен, а поканети се сите – љубители на уметноста, љубопитни умови и пријатели – да се приклучат на оваа магична вечер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

