Култура
Интимната драма „Девојчето со жиците“ ќе ги отвори сите сетила на публиката
Современа драмска опера каде музиката нема да биде само декор, туку и начин на комуникација, ќе донесе вечерва драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ преку театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Неќак и Маја Хрговиќ.
Претставата која е копородукциски проект на Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола ќе се одигра на сцената Долни сарај со почеток во 21 часот.
Според селекторот на драмската програма на фестивалот, Александар Поповски, станува збор за одличен проект во кој играат актери од еден многу голем словенечки театар којшто е важен не само за Словенија, туку и за поширокиот регион.
-Голема е честа да се најави една ваква театарска претстава која доаѓа од театар што јас многу го ценам, Љубљанската драма, театар којшто освен што е важен за Словенија, важен е и многу пошироко во регионот бидејќи има извонреден ансамбл, рече Поповски на денешната прес-конференција.
Режисерот и еден од авторите на театарската претстава „Девојчето со жиците“, Марјан Неќак, истакна дека посебно е чувството да се игра претставата токму на фестивалот „Охридско лето“, бидејќи како што рече, концептот на самиот фестивал е театар и музика, а овој проект ги има и едното и другото.
-„Девојчето со жиците“ е претстава за слободата, уметникот, многу други интимни теми коишто ги имаме сите луѓе. Секој човек може да се поистоветува со самата приказна. Начинот на којшто ја градевме и ја работевме претставата е специфичен и бара малку повеќе време, една поинаква концентрација и поинаква љубов. Такви се актерите од Драма Љубљана, посебно тие што ги одбрав за да ја работиме оваа претстава кои беа исклучителни во смисла дека ова може единствено само со љубов да се направи, рече Неќак.
Драматургот на претставата Дарја Доминкуш најави дека се работи за специфична и комплексна приказна за девојката која патува со воз низ Европа, а всушност целта и е месечината. Таа метафора, според драматургот, важи за сите луѓе зашто, како што рече, во секојдневието сите се трудиме да направиме нешто, да патуваме некаде, а во сето тоа брзање би сакале да заминеме на месечината, кон недостижното, кон она за што сонуваме и заради што создаваме музика и уметност.
-Претставата бара вклучување на публиката, да се запалат сите сетила, а од друга страна е и многу емотивна зашто приказната е за девојка која сака да живее како уметница но во денешниот свет тоа е многу тешко. Тогаш таа треба да премине некои граници во Европа која би требало да биде отворена за уметноста. Покрај тоа, девојката како сенка ја следи приказната од детството за нерасчистениот однос со таткото кој всушност бил прв што ја спречил нејзината кариера. Дури потоа доаѓаат границите, Европа со своите сомнежи која не сака емигранти, која не сака луѓе што не се оттука, истакна Доминкуш.
Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј.
-Мене како актерка ми беше голем предизвик оваа посебна форма што опфаќа песни и интимна драма. Всушност овие песни претставуваат монолози и на интимната драма и даваат повисоко ниво во однос на интерпретацијата, изјави актерката Церар. Таткото во претставата го игра Урош Фурст, еден од врвните словенечки актери.
– Претставата отвора еден цел простор каде ние како родители влијаеме на своето потомство, што има тука добро, а што погрешно. Во исто време и да се отпее, тоа е полигон за извонредна актерска работа.И самиот начин на кој ја работевме претставата за мене е потполно нов и затоа се радувам многу, рече Фурст.
Автор на стиховите во претставата „Девојчето со жиците“ е Ана Бунтеска. Костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Неќак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

