Култура
„Исцелител“ на филмски фестивал во Кливленд
Македонскиот филм „Исцелител“ е избран во официјална конкуренција на меѓународниот филмски фестивал во Кливленд во САД. Филмот ќе се прикажува во програмата во чиј фокус се филмови од Централна и Источна Европа. Ова е 42. издание на меѓународниот фестивал во Кливленд (CIFF). Оваа година мотото на фестивалот е „прегрни ја љубопитноста“. Фестивалот нуди уникатна можност гледачите и учесниците да откриваат други култури и идеи кои предизвикуваат, а можеби и можат да го сменат начинот на кој го восприемаме и се однесуваме со светот околу нас. Селекторите на филмови на фестивалот освен на квалитетот на кинематографското дело, особено внимание посветуват и на темата на филмовите кои најчесто се фокусирани на социјалната правда и активизам.
Во текот на единаесетте фестивалски денови ќе се прикажат отприлика 200 долгометражни и 200 кратки филмови од 72 различни земји од целиот свет, а ќе присустваат и 300 филмски професионалци. Минатата година фестивалот го посетиле повеќе од 100.000 гледачи.
„Исцелител“ ќе се прикажува во конкуренција заедно со уште 14 други европски остварувања, едни од најуспешните изминатата година. Меѓу нив се: добитникот на награда во Карлови вари, босанскиот „Мажите не плачат“, добитникот на сребрена мечка, романскиот „Ана, љубов моја“, добитникот на награда за најдобар актер во Карлови Вари, рускиот „Аритмија“, добитникот на награда за најдобар филм во Трст, словенскиот „Рудар“, учесникот на кански фестивал, бугарско македонската копродукција „Насоки“ и други.
Ова е второ прикажување на „Исцелител“ во Соединетите Американски Држави. На премиерното прикажување на фестивалот во Санта Барбара, Калифорнија во февруари, филмот ја освои наградата за најдобар филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

